Скопскиот и јужниот регион зафатени со топлотен бран од портокалова фаза

Скопскиот регион (Скопје, Куманово, Свети Николе и Велес) и јужниот  (Штип, Струмица, Радовиш, Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија) денеска, утре и задутре се зафатени со топлотен бран од портокалова фаза.

Mинистерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција истакна дека за овие два региона, покрај општите препораки, се препорачуваат и дополнителни мерки за заштита според кои, работодавачите овие денови треба да ги ослободат од работни обврски бремените жени и лицата постари од 60 години, да го реорганизираат работното време за градежните работници кои работат на отворено во период од 11 до 16 часот.

Јованка Костовска, раководител на Сектор за превентивна здравствена заштита при Министерството, истакна дека овие три дена УВ индексот ќе биде 9 и 10 што е највисок за Република Македонија.

- Општите мерки треба да ги почитува цела популација, посебно заштита од УВ зраците, заштита на кожата со креми, носење капи и очила, рече Костовска.

Покрај тоа, се препорачува установите кои згрижуваат деца да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено од 11 до 16 часот, а единиците на Локалната самоуправа, Црвен крст и Центарот за социјални работи треба да имаат поактивен пристап и да им укажуваат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници.

- За сите останати региони во државата остануваат општите препораки за заштита од високите температури, посочи Тодоров.

Тој додаде дека во соработка со Здравствен дом Скопје, Министерството за здравство од денеска од 18:30 до 21:30 часот отвора превентивни едукативни здравствени пунктови во Скопје, Штип, Кочани, Струмица, Неготино, Велес, со цел подобро справување со високите температури и почитување на препораките на лекарите.

- Во Скопје ќе има три пункта од кои еден ќе биде статичен покрај Кејот на реката Вардар кај хотел „Александар Палас“ каде има поголема фреквенција на граѓани. Другите два пункта ќе бидат мобилни и ќе бидат поставени на различни делови од градот, на плоштади, шеталишта, паркови итн. На пунктовите ќе има медицински лица кои ќе им даваат совети на граѓаните, ќе делат брошури, можат да вршат здравствени прегледи-мерење крвен притисок, давање здравствени совети и упатување во здравствени установи ако тоа е потребно, рече Тодоров.

Тој потенцира дека пунктови денеска ќе бидат поставени во Ѓорче Петров и Драчево, утре во Карпош и Аеродром, задутре во Центар и Бутел, на 13 јули во Чаир и Кисела Вода, на 14 јули во Шуто Оризари и Гази Баба. Потоа ќе менуваат по истиот распоред до 15 август кога се очекува намалување на температурите.

Одговарајќи на новинарско прашање, Тодоров презентирајќи податоци од Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз населението, кој може да се најде на интернет на веб страницата toplotnibranovi.mk, рече дека во Скопје во месец јули топлотен бран се прогласува доколку температурата е околу и над 42 степени, а вонредна состојба се прогласува ако температурата е 44 степени и повеќе.