Мицкоски: Започна реконструкцијата на скверот позади ТЦ „Капитол“ во Општина Аеродром во вредност од 45 милиони денари

Добар ден и од мене. За мене претставува задоволство што сум денеска тука, да го отпочнеме овој проект, којшто е еден од многуте проекти, којшто ја поминаа прва фаза, односно првиот дел од проектите, коишто Владата ги финансира во општините, од оној прв јавен повик. Убеден сум дека ова место, коешто денеска, за жал, изгледа вака како што изгледа, ќе изгледа многу поубаво за многу кратко време од денеска.

Околу 45 милиони денари е проектот. Мислам дека како целина ќе даде еден поинаков изглед на овој дел од Општина Аеродром и се надевам дека најмладите ќе можат да уживаат заедно со повозрасните во овој дел од Аеродром.

Продолжуваме и понатаму. Во оваа недела очекувам да го распишеме вториот повик, којшто ќе биде малку поголем во вредност од првиот. Ако првиот беше до шест милијарди денари, овој ќе биде до 15 милијарди денари. Ги повикувам општините да подготват апликации, ќе има малку поширок период за аплицирање кој ќе трае до 30 април. За разлика од првиот повик, во овој вториот малку се олеснети условите во смисла на аплицирање, односно сите оние општини коишто поседуваат проекти со обезбедени документи за објавување јавен повик, за тендерирање ќе може да аплицираат, па во меѓувреме да го решаваат и оној дел поврзан со дозволата за градба. Така што мислам дека ќе биде и овој вториот успешен и стотици проекти мислам дека ќе ја поминат оваа филтер фаза и ќе се катализираат и ќе можеме да присуствуваме како што присуствуваме денес на отпочнување на активностите и нивно завршување и пуштање во употреба.

Со среќа нека е и нека ни се множат вакви убави работи, нека се множат вакви убави градби и сите ние да уживаме во една поубава Македонија.