Министерот Адеми се сретна со унгарскиот амбасадор Бенце
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми денеска се сретна со унгарскиот амбасадор во Македонија Јожеф Бенце.
На средбата, како што информира МЖСПП, Адеми истакнал дека односите на двете земји се одлични и оти се добра основа да се продлабочат и во доменот на заштитата на животната средина.
- Соработката во однос на претпристапните фондови, секторот отпад, секторот води (пречистителни станици, малите хидроцентрали), како и во делот на менаџирање на националните паркови ќе придонесе за размена на искуства, а ние како држава би можеле да ги согледаме искуствата на Унгарија како земја членка на ЕУ, се вели во соопштението од МЖСПП.
Амбасадорот Бенце информираше дека од нивна страна е избран претседател на Мешовитата економска комисија, која ќе има за цел продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.