Македонски лекари на обуки во врвни странски медицински установи

Првата група од четворица доктори од Македонија утре заминува на обука во траење од еден месец во светски познатите болници на „Аџибадем“ во Истанбул, Турција, со што почнува конкретната реализација на третата фаза од Програмата на Министерството за здравство за дообучување специјалистички кадар од македонските болници во реномирани медицински центри во странство.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров кој рече дека станува збор за докторите Кети Трајковска од Клиничката болница во Битола која ќе оди на обука за сцинтиграфија, Мимоза Влаши од Општата болница во Охрид која ќе оди на обука за перинатологија, Билјана Пргова од Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје која ќе оди на обука за магнетна резонанца и Синоличка Џамбазова од Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација и ургентен центар во Скопје која ќе оди на обука за артроскопија.

Тој посочи дека во првата група доктори кои заминуваат во странство на обука е и специјалистот од Клиниката за хематологија д-р Татијана Сотирова која ќе оди на обука по цитогенетика во времетраење од еден месец во периодот септември-октомври во Бостон, Масачусатс.

Целокупната организација и трошоците за обуката се покриени од страна на Министерството за здравство, а целта е овозможување нови или подигнување на квалитетот на постојните здравствени услуги во Македонија и максимално искористување на најсовремената медицинска опрема што е набавена.

- Во финална фаза сме на разговори со проф. д-р Горазд Росоклија од Колумбија Јуниверзити за упатување на пет доктори специјалисти за едукација во овој познат универзитетски центар, истакна Тодоров.

Тој рече дека во тек се преговори за упатување на четворица доктори специјалисти во Нирнберг, Германија, за едукација во областа на трауматологија, психијатрија, ортопедија, онкологија итн.

Осврнувајќи се на неговата работна посета на Словенија и Австрија во изминатите два дена, министерот Тодоров посочи дека биле договорени нови обуки на дефицитарни специјалности во македонскиот здравствен систем што наскоро ќе се реализираат.

- Со Клиничкиот центар Љубљана договоривме обука за специјалисти патолози од Македонија, а во Виена договорени се и обуки од областа на патологија и радиологија, додаде Тодоров.

Тој потенцира дека реализирани се обуки и во соседните држави, особено во Србија.

Одговорајќи на новинарско прашање за тоа како се избрани кандидатите за обука, министерот рече дека распишале оглас на кој се пријавиле 450 кандидати, со избраните се склучени договори со кои тие се обврзани по обуката да останат да работат во јавните здравствени установи.