Министерот за економија и труд, Бесар Дурмши, денеска се обрати на настанот посветен на демографските трендови и претставувањето на заедничката петгодишна програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
„Луѓето се најважниот ресурс на едно општество. Знаењето, вештините и креативноста на нашите граѓани се движечка сила за секој развој. Нашата задача е да го задржиме и унапредиме овој капитал,“ истакна министерот Дурмши.
Во своето обраќање, тој посочи дека државата се соочува со сериозни предизвици – намален наталитет, иселување на млади и стареење на населението, што директно влијае врз јавните услуги и социјалните системи.
„Со Оперативниот план за 2025 година, вреден 40 милиони евра, веќе поставивме темели. Планот опфаќа над 16.000 лица, од кои 65 % се млади. Поддржуваме самовработување со грантови до 10.000 евра, обуки и менторство, како и програми за доедукација и преквалификација. Особено внимание посветуваме на инклузијата – жени од рурални средини, лица со попреченост, корисници на гарантирана минимална помош и Ромки,“ нагласи министерот.
Тој додаде дека програмата со УНФПА е визија и стратегија за иднината – не само формален документ, туку план со конкретни активности. „Финансиските поддршки мора да бидат надградени со инфраструктура, дигитална поврзаност и поддршка за стартап-екосистемот. Истовремено, мора да го вреднуваме искуството на повозрасните работници и да обезбедиме услови тие да останат дел од продуктивниот процес,“ рече Дурмши.
Министерот ја изрази благодарноста до Обединетите нации, регионалната директорка на УНФПА, г-ѓа Флоренс Бауер, и постојаната координаторка на ОН, г-ѓа Рита Колумбија, за континуираната поддршка и партнерство.
„Нашата иднина се мери во луѓето – во секој млад човек, во секој талент, во секој граѓанин кој сака да создава тука, дома. Демографските трендови не треба да ги гледаме како закана, туку како поттик за модерни политики кои ќе ја засилат нашата економија,“ заврши министерот Дурмши.