Попоски: Македонија цврста во намерите да се направи исчекор за деблокирање на нејзината евроатлантска интеграција

 Република Македонија има намера да направи што е можно поповолна клима за да има какво било придвижување во насока на решавање на наметнатиот спор од Грција по однос нашето уставно име. Нашата цел е дефинитивно да има исчекор и ова неразумно и неоправдано блокирање на македонското интегрирање во рамки на ЕУ и НАТО кое ни го има наметнато Грција со блокадата врз основа на спорот да биде надминато и отстрането, изјави денеска во Охрид министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Тој појасни дека во таа насока Македонија и настапила, преку серија предлози од навистина широк видокруг, од најпрактично ниво како отворање на граничниот премин „Маркова нога“, нешто што дефинитивно е во духот на европските интеграции и би овозможило подобро поврзување меѓу двете земји, до онаа подготвеност за средби на највисокото политичко ниво во било кое време и контекст што би бил прифатлив за грчките соговорници.

- Со таа цел и настапивме и доколку е навистина сериозно оаа посветеност за отстранување на овој спор, доколку се навитина искрени намерите на Грција тоа да биде ставено зад нас и да не се попречува патот на Македонија во евроатланските интеграции, тогаш треба сериозно да се пристапи кон овие иницијативи, рече шефот на македонската дипломатија.

Зборувајќи за иницијативите и повиците за политички средби, Попоски истакна дека македонскиот пристап е во насока на искористување на сите можности Грција позитивно да одговори, да ја зголеми изложеноста на комуникација на политичко ниво и да покаже дека е сериозно посветена во тој процес.

- Со реторика со која едноставно само се префрла топката, а ништо конкретно не се прави за надминување на спорот од страна на Атина, под закрила дека има повисоки приоритети за кои ние сме сосема свесни, мислам дека е целосно неоправдано, истакна тој.

Негова оценка е дека од аспект на европската интеграција треба да се излезе конкретно со поддршка на отпочнување на преговорите, од аспект на НАТО исто така час поскоро треба да се избегне нелегалната опструкција од страна на Грција.

Доколку не дојде до каква било средба со претставници на Атина пред престојното Генерално собрание на ОН, Попоски рече дека Македонија ќе продолжи со својот конзистентен настап, на земја која сака да биде дел од НАТО и ЕУ.

- Во таа насока во континуитет имаме потврдено дека имаме капацитет така да се однесуваме. Не сакаме да исклучиме никаква можност, но она што ни е приоритет е низ дијалог, отвореност и конструктивност да биде надмината оваа блокада што ни е наметната. Ние во тој контекст и делуваме, мислам дека и премиерот беше мошне јасен кога најави дека ќе избегне какви било изјави на тема Грција, за тие да не бидат искористени како алиби, останува да видиме што ќе направи Република Грција да ја пресретне позитивна клима што ние сакаме да ја изградиме. Да видиме дали ќе можатда искористат некоја од овие иницијативи, додаде тој.

Шефот на македонската дипломатија смета дека во овој момент најдоброто што може Македонија да го направи е конзистентно и принципиелно да опстои на нејзиниот пат.

- Она што го правиме како дејствување во рамки на Алијансата да продолжиме да го правиме исто како земја-членка, и сите реформи што ги спроведуваме во рамки на интеграцијата во ЕУ да опстоиме да ги правиме бидејќи примената на европските стандарди во Република Македонија е нешто што е главна придобивка за нас односно нашите граѓани. Тоа конзистентно ќе го правиме и ќе очекуваме ЕУ да го задржи кредибилитетот на проширување, рече Попоски. 

Сега е, истакна тој, на политичкото водство во Атина да одговори со конкретни гестови, со еден одговор што ќе биде позитивен на позитивната клима што ја создава Република Македонија и да видиме дали се навистина подготвени да направат гестови во тааа насока.

 - Мислам дека единствено на тој начин ќе ги оттргнат впечатоците што ги оставаат, на едноставно реторичко повторување на обвинувања кон една или друга страна, рече шефот на македонската дипломатија.

Тој нагласи дека Република Македонија не сака да биде дел од таква реторика, повторувајќи го ставот дека македонските власти јасно гоимаат зацртано својот став, а тоа е отстранување на еден целосно нелегален спор, што и е наметнат.

Попоски не сакаше да прејудицира какви било реакции на Атина, изразувајќи очекување дека ќе надвладее разумот и оти Грција ќе се однесува како одговорна членка на НАТО, ЕУ и пред се Обединетите нации.