АРМ го прославува 20. роденден
Армијата на Република Македонија денеска со дефиле во касараната „Илинден“ во Скопје го одбележа 20 - годишниот јубилеј.
Пред државниот врв, предводен од претседателот и врховен командант Ѓорѓе Иванов, како и премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Трајко Вељановски, министри, пратеници, амбасадори, воени аташеа,.. беа претставени ешалоните од сите единици на АРМ, борбените средства, техниката и воздухопловите кои се во формацискиот состав на АРМ. На дефилето учествуваше и ешалон од Вооружените сили на САД, а беше проследено и од голем број граѓани.
Во рамки на одбележувањето на јубилејот изминатите денови се одржа и свечена академија во Домот на АРМ, беше положено цвеќе пред Споменикот на паднатите армиски припадници, врачени чинови на унапредените старешини и награди и признанија на пензионираните генерали, воени и цивилни лица и доделени значки на загинатите македонски мировници во хеликоптерската несреќа и во конфликтот во 2001 година. Во касарната „Илинден“ вчера се одржа и почесна артилериска стрелба.
По повод Денот на Армијата и 20-годишниот јубилеј денеска беше положено цвеќе и пред Споменикот на македонските бранители во паркот „Жена борец“. Цвеќе положија премиерот Никола Груевски, како и претставници на здруженијата на бранители.
Развојниот пат, обуката и едукацијата на припадниците на АРМ засилено почна со оружјето и опремата на Територијалната одбрана, откако во март 1992 година поранешната Југословенска народна армија (ЈНА) од тогашната трета армиска област при повлекувањето од државава однесе „се“, целото оружје и муниција.
На 23 декември 1993 година Собранието ја верификува одлуката за полноправно членство во НАТО, како стратешка цел. Во ноември 1995 година Македонија стана 27-та членка на иницијативата „Партнертство за мир“, а во март следната година беше примена и во Северноатлантскиот совет за соработка. АРМ во 2002 година го почна реформскиот процес, што треба да резултира со заслужената покана за членство во НАТО, која се одложува поради блокадите од Грција.
Степенот на борбената подготвеност на припадниците на македонската Армија, практично се покажува и преку ангажирањето на одделни состави на АРМ во меѓународните мисии во Авганистан, Ирак, БиХ, како и со партиципацијата во мултинационалата мировна бригада СИБРИГ.