Потпишани концесиски договори за експлоатација на минерални суровини

Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска потпиша два од вкупно седумте договори за експлоатација на минералните суровини со претставници на компаниите кои добија концесии.

Договорите се однесуваат на седум локации во исто толку општини, а нивната реализација се очекува да отвори по најмалку 80 до 100 нови работни места.

Стручна комисија ги избра најповолните компании кои конкурираа на јавен повик. Меѓу нив, за каменоломите, се и најголемите, „Гранит“ и „Бетон“.

- Вкупниот приход што избраните компании ќе го уплатат по основ на концесиски надоместок е 77 милиони денари од кои, согласно новиот Закон за минерални суровини, 78 отсто ќе бидат уплатени на сметката на општините, а останатите 22 процента во државниот Буџет. Тоа директно ќе влијае врз зголемување на касата на локалните самоуправи, рече министерот Сарачини пред потпишувањето.

Според него, позначајни ќе бидат дологорочните ефекти од експлоатацијата на минералните суровини особено за градежниот сектор како еден од клучните мотори на економскиот раст. Но, битно е и тоа што приватните фирми го препознаваат потенцијалот на оваа индустрија па и во време на криза вложуваат во неа.

- Конецисиите што ги доделуваме индиректно ќе значат раздвижување на малите бизниси ангажирани како подизведувачи, транспортот и другите услуги, нагласи Сарачини.

Тој информира дека Владата веќе ги избра и најдобрите понудувачи за 37-те нови локации за детални геолошки истражувања. Во фаза е и изготвување нови, уште 40 локации, за експлоатација на минерални суровини.

Комапниите кои добија концесии го поздравија овој потег на Владата, посебно неговата брз реализација. Максимално ја поддржуваат и иницијативата за отворање нови геолошки истражувања.

- Каменоломите се крвоток за една фирма како нашата. Тоа е основниот материјал што се употребува и нискоградби и во високоградби. Би сакал геолошките истражувања да завршат побрзо, најскоро да се спроведе и постапката, да имаме доволно простор за купување нова опрема и за нови вработувања, истакна директорот на „Гранит“ Страшо Милковски.

„Бетон“ до минатата година се занимаваше со нискоградба. Во меѓувреме купи комплетна опрема за афалитрање. Сега, со тендерот на кој зема три каменолома, во Дојран, Оризари и Краста, ќе може да го заокружи производниот процес.

Одговорајќи на новинарско прашање, министерот соопшти дека е веќе покрената иницијатива за интензивирање на експлоатацијата на металичните минерални суровини, злато, бакар, железо,..., во кои, посочи, има голем потенцијал.