Груевски испрати писмо со сочувство до американскиот претседател Обама по повод трагичниот настан во Либија
Ваша Eкселенцијо,
Со големо жалење и вознемиреност ја примив трагичната вест за подлиот и грозоморен терористички напад на Конзулатот на САД во Бенгази, Либија, во кој животот го загуби амбасадорот Кристофер Стивен и тројца конзуларни службеници.
По повод овој суров настан, дозволете ми во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, да го изразам жалењето за големата загуба што американската држава и американскиот народ ја претрпе во насилниот акт и од името на македонските граѓани да изразам сочувство до семејствата на жртвите споделувајќи ја болката и тагата за загубените човечки животи.
Деновиве, кога одбележуваме единаесет години од терористичките напади на 11-ти септември 2001 година, повеќе од потребно е да се покаже одлучност во напорите за елиминирање на силите кои преку ширење на терор и насилство, војуваат против универзалните цивилизациски вредности – мирот, демократијата и човековите права. За таа цел, во духот на сојузништвото и солидарноста помеѓу нашите две земји, повторно би сакал да ја истакнам решителноста на Република Македонија за продолжување на активниот придонес во борбата против тероризмот и другите форми на насилство кои го загрозуваат мирот, стабилноста и просперитетот во светот и кои имаат за цел да ги срушат придобивките од демократските процеси кои се случуваат во државите на северот на Африка и Блискиот Исток.
Молам, примете ги, Почитуван Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.
Никола ГРУЕВСКИ