Македонија официјално го почна претседавањето со Форумот за соработка во безбедноста на ОБСЕ

Република Македонија вчера во Виена официјално го започна претседавањето со Форумот за соработка во безбедноста на ОБСЕ, соопшти МНР.

Делегациите на голем број земји-членки на ОБСЕ, како и Делегацијата на ЕУ при ОБСЕ, ги поздравија приоритетите и рамката за делување на македонското претседавање со Форумот во последниот триместер на 2012 година што ги претстави амбасадорот Зоран Дабиќ во своето обраќање, на отворањето на инаугуративната пленарна седница на Форумот. Делегацијата на ЕУ нагласи дека македонското претседавање доаѓа во клучен момент во работниот циклус на Форумот кој се фокусира на успешни подготовки на Министерскиот совет на ОБСЕ што ќе се одржи во декември оваа година во Даблин, давајќи целосна поддршка на македонското претседавање.

Форумот за соработка во безбедноста покрај Постојаниот совет е единственото тело во ОБСЕ што има моќ да донесува одлуки, и тоа во една од најклучните области на делување на Организацијата - во доменот на зајакнувањето на соработката на земјите членки од Евро-атлантскиот и Евро-азискиот регион преку градење мерки за доверба и безбедност и зголемување на транспарентноста на нивните воени капацитети.

Со едногласното прифаќање на рамката за активностите и приоритетите на македонското претседавање, Република Македонија продолжува да ги потврдува иницијативноста и проактивноста на мултилатерален план и нејзиното прераснување од увозник до лидер во извозот на стабилност и безбедност, се наведува во соопштението од МНР.