Груевски: Законот за бранителите ниту е противуставен, ниту против некој етникум

Предложениот закон за бранители не е противуставен, не е против некој етникум, туку е мала компензација на оние кои ги ризикуваа животите во одбрана на Република Македонија и мало внимание кон семејствата на загинатите бранители. Барањето со него да се опфатат и оние кои им ги одземаа животите на бранителите е некоректно, изјави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во својот говор на Годишната конференција на Унијата на млади сили на партијата.

Обидите за негово кочење и блокирање, рече тој, се безсмислени и не се во духот на Рамковниот договор и во духот на соживотот и толеранцијата.

- Раните од 2001 година се се уште недолечени и инсистирање кон овој закон да се приклучат и оние коишто им ги одземаа животите на бранителите од 2001 година не може да биде коректно барање, потенцира Груевски.

Тоа барање, укажа, ја влошува севкупната атмосфера и е некоректно, исто како што беше и злоупотребата на армиската униформа во Слупчане. Тоа, истакна е неприфатливо. Затоа премиерот Груевски повика на разум и повеќе политичка зрелост во оваа држава.

- Особено загрижува што политичката борба помеѓу албанските политички партии после 21 година независност се уште се сведува речиси исклучиво на етнички прашања, рече Груевски додавајќи дека таа атмосфера во интерес на сите треба да се менува затоа што е заразна и опасна.

Затоа, продолжи, повикувам на поголема политичка но и државничка зрелост. Ако оваа држава е на сите, подвлече Груевски, тогаш сите треба да се грижиме за целата држава, а не само за одделни нејзини делови.

- ВМРО-ДПМНЕ не е партија која ќе дозволи некој да ја исплаши или да ја уцени со рушење од власт или со предвремени избори кога е во прашање успехот и достоинството на македонските граѓани. Не ја наведнувам главата пред неправдата, колку да е тоа во моментот контрапродуктивно за мене. Разбирам дека животот на политичарите е поврзан со компромисите и затоа сум правел и ќе правам многу компромиси кога верувам дека се за општо добро. Но, се рабира се има своја граница и своја мерка. Сум плаќал и ќе плаќам цена за тие компромиси. Нo, не сум подготвен да го вложам достоинството на цел еден народ, како цена за некој да го понижува, а јас да молчам. Особено не сум подготвен да го правам тоа кога нема да реши некој проблем, туку создава нов, рече Груевски.

Тој додаде дека исто како што имаше осуди за навредите од поединци на Вевчанскиот карневал, така за осуда се злоупотребите на униформите на АРМ, незаконските промени на имиња на училишта.

- Затоа уште еднаш повикувам на демонстрација на љубов кон својата држава и кон сите граѓани, а не само кон сопствениот етникум, како на Македонците, така на Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Власите и сите останати, како и демонстрација на толеранција и почит, истакна тој.

ВМРО-ДПМНЕ, повтори лидерот на партијата, не посакува предвремени избори, но ако се неизбежни, односно ако бидат испровоцирани подготвени сме веднаш за тоа.