Заедно кон Европа (Колумна на премиерот Никола Груевски и еврокомесарот Штефан Филе за „Дневник“)

Вчера се сретнавме во Скопје за третата рунда од претпристапниот дијалог. Овој нов вид дијалог беше воспоставен како активен процес со целосно учество и под целосна надлежност на македонската Влада и вклучувајќи ги сите што ги носат одлуките. Дијалогот се фокусира на клучните прашања релевантни за општеството бидејќи меѓу нас постои консензус дека Европската унија би била нецелосна без членството на земјите од Западен Балкан. Сите се стремиме кон споделување заеднички стандарди, вредности и можности.

По нашата прва средба за претпристапниот дијалог, во март, ги поставивме главните реформски цели врз основа на амбициозните планови прифатени од владата. Нашето досегашно искуство покажува дека процесот беше успешен во создавањето директна, структурирана и континуирана размена на гледишта. Соработувавме потесно отколку порано и успеавме да оствариме напредок за кусо време.

На пример, во однос на владеењето на правото, беа преземени мерки за зголемување на ефикасноста на судството и го намаливме бројот на заостанатите судски случаи. Значаен напредок има и во подготовките за значајните реформи во јавната администрација. Во однос на економијата, преземени се структурни реформи за подобрување на бизнис-средината и за привлекување инвеститори, кои се од клучно значење за создавањето нови работни места и за развојот.

Во однос на меѓуетничките односи, Владата почна преглед на Охридскиот рамковен договор. Ова служи како позитивен пример за тоа како заедниците можат да коегзистираат и да соработуваат во духот на компромисот и на меѓусебното разбирање и во интерес на сите граѓани. Иднината лежи во заедничката визија; членството во ЕУ е клучен елемент на таа визија.

Денеска се дискутираше за третата рунда резултати од претпристапниот дијалог. За да се зајакне слободата на изразувањето и да се заштити репутацијата во рамките на европските стандарди, клеветата ќе биде декриминализирана. Законодавната рамка за избори ќе биде дополнително доближена до рамките на меѓународните стандарди пред локалните избори во 2013 година.

Владиниот план содржи повеќе од 140 мерки, кои треба да бидат имплементирани на кус и на среден рок. Затоа ќе се продолжи со работа за планот да биде целосно имплементиран. Ќе бидат спроведувани редовни ревизии и ќе се прават приспособувања според потребите и во консултација со сите носители на одлуки. Ова е од огромна важност за да се сочува моментумот во реформскиот процес. Претпристапниот дијалог ја доведе агендата на ЕУ во центарот на вниманието на законодавците, јавното мислење и на медиумите. Освен тоа, претпристапниот дијалог ги здружи партнерите на ЕУ во нивната посветеност да напредуваат заедно.

Прифатените мерки се, пред се, во корист на сите македонски граѓани. Освен тоа, тие ќе испраќаат моќен сигнал на ЕУ дека водењето на реформскиот процес останува клучна обврска на сите учесници, целиот напредок постигнат во дијалогот ќе биде искористен од Комисијата за Извештајот за напредок, кој ќе биде објавен во октомври и ќе има посебно влијание врз препораките на Комисијата до Советот.

Во декември ќе се одржат важни разговори врз основа на препораките на Комисијата, на кои лидерите на ЕУ ќе одлучуваат за следните чекори во однос на проширувањето. Важно е да им се обезбеди добра основа за одлучување – да се соочите со предизвиците и да се фокусирате на резултатите - на конкретните дела, а не само на зборовите. Добрососедските односи се интегрален дел од процесот на пристапување. Историјата, економијата, туризмот, семејството и пријателите ги поврзуваат земјите исто како и нивната заедничка цел за иднината. Зајакнувањето на врските со сите соседи и работењето на реализација на конкретни заеднички проекти се од клучна важност. Наоѓањето политичко решение за билатералниот спор за името со Грција е многу важно и ќе биде добро не само за двете држави, туку и за регионот како целина и за Европа. Решение може да се најде во истиот дух и со иста храброст, меѓусебно почитување и чувство за заеднички интереси, кои им овозможија на европските нации да се здружат за да ја создадат трајната сфера на мир и стабилност, што денес е Европската унија.