Пуштени во сообраќај 16 нови минибуси за приградските населби во Скопје

Жителите од повеќе приградски населби во Скопје ќе се превезуваат со 16 нови минибуси на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, што беа пуштени во употреба денеска.

Новите минибуси ќе сообраќаат до населбите Матка, Кучково, Никиштани, Орман, Црешово, Усје, село Радишани...Љубин, Горно Оризари  и се дел од од владиниот проект за обнова на возниот парк на ЈСП Скопје.

- Со промоцијата на новите минибуси уште еднаш ги покажуваме на дело нашите заложби за модерен и ефикасен градски превоз за граѓаните бидејќи тие заслужуваат удобен превоз во современи автобуси кои се изработени по сите европски стандарди, рече на свеченоста вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Тој истакна дека користењето на новите минибуси е побезбедно, под економски најповолни и еколошки прифатливи услови за севкупното локално население. Владата, посочи Пешевски, ќе продолжи со реализација на плановите за подобрување на јавниот превоз во главниот град. Интензивно работиме со Градот Скопје и со градоначалникот да изнајдеме решение за воведување трамвајски превоз за Скопје. Се надевам дека и тука во скоро време ќе имаме некакви позитивни вести, нагласи Пешевски.

Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, новите минибуси што ќе се користат за превоз на патниците на ЈСП „Скопје“ до приградските автобуски линии се чекор напред во реализирањето на проектот за обнова на возниот парк на претпријатието.

- Денес во Скопје веќе е реалност обновениот возен парк. Досега во употреба се пуштени 137 двокатни и 80 нископодни автобуси, а најдоцна до март следната година се очекува да пристигнат уште 65 двокатни автобуси со што комплетно ќе биде обновен возниот парк на ЈСП во Скопје, рече Јанакиески.

Со активностите што се преземени, укажа министерот, заминуваат во историјата старите студени и неклиматизирани автобуси, а Скопје добива модерен јавен автобуски превоз по европски стандарди и со специфичен изглед што е уникатен и препознатлив само за главниот град.

Новите минибуси од кинескиот производител YUTONG, се со мотор на англиската компанија „Каминс“ со емисија на издувни гасови од стандардот ЕУРО-4, подвозје на германскиот производител ZF, со 20 киловолтни клима-уреди.

Директорот на ЈСП „Скопје“ Мишо Николов истакна дека и жителите на приградските населби Матка, Кучково, Никиштани, Орман, Црешево, Усје, село Радишани, Љубин, Горно Оризари и други ќе почувствуваат како е да си појдат дома со модерен климатизиран автобус.

Според Николов, изгледот на главниот град е значително изменет со обновата на возниот парк на ЈСП „Скопје“. Во Скопје скоро и да ги нема старите автобуси кои навистина претставуваа грда слика, посочи Николов, апелирајќи до граѓаните да ги чуваат новите автобуси и уредно да плаќаат билети за да може ЈСП „Скопје“ редовно да ги одржува.