Економско-социјален совет - разгледувани иницијативи за унапредување на економската состојба

Неколку иницијативи за измени на Законот за работни односи, Законот за евиденција од областа на трудот и Законот за агенции за привремени вработувања биле разгледувани на денешната седница на Економско социјалниот совет.

- Сметам дека станува збор за исклучително корисни иницијативи добиени од страна на социјалните партнери. Денеска ги разгледуваме и на еден начин ги утврдуваме предлозите во која насока ќе продолжиме со измените за потоа во следната фаза тие да бидат доставени до Владата, изјави по седницата министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој додаде дека на денешната седница биле разгледувани и неколку иницијативи од страна на синдикатите поврзани со актуелната економска ситуација и со состојбите поврзани со поскапувањата.

- Во целиот процес мислам дека се пристапува исклучително коректно. Нашите очекувања се дека од оваа расправа ќе произлезат неколку измени и иницијативи кои ќе придонесат за подобрување на правата на работниците и олеснување на целокупната економска состојба која што во моментов е прилично сензитивна, заради која и од страна на претседателот на Владата на вчерашната средба со бизнис заедницата беа најавени дополнителни мерки, рече министерот Ристовски.

Тој појасни дека во врска со Законот за работни односи се разговарало за дополнителни корекции и олеснување на процедурата за работно ангажирање на лица кои во форма на сезонски работници ќе бидат ангажирани за определени области. 

- Со тоа во голем дел ќе се олеснат работите пред се за работното ангажирање на дел од младите генерации на кои во определени периоди од годината значително ќе им се олесни вклучувањето во работна ангажираност, рече Ристовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Ристовски истакна дека Владата најверојатно би поддржала отворање на СОС продавници, доколку има интерес од компаниите, со оглед на тоа што и оние кои пред неколку години функционираа биле проект кој го спроведувале неколку компании.