Седумнаесет лекари ќе одат на обука во странство

Седумнаесет лекари-специјалисти, во рамки на Програмата на Министерството за здравство за дообучување соодветен специјалистички кадар од македонските болници, ќе заминат на стручен престој во реномирани медицински центри во странство во период од еден до 6 месеци, во зависност од видот на обуката.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека станува збор за двонасочен процес на доедукација и оти паралелно се одвива и проектот за ангажирање еминентни доктори од странство, кои определено време престојуваатат во Македонија и преку предавања и практична работа вршат едукација на лекари за медицински интервенции кои се во зародиш или воопшто не се изведуваат во државата.

Со континуирана едукација на докторите, посочи тој, ќе овозможиме оптимална искористеност на апаратите и давање квалитетна здравствена услуга за примена на посложени интервенции, кои во моментот недоволно се работат во Македонија или за истите интервенции, пациентите се упатуваат надвор од државата во соодветни референтни центри.

- На 1 октомври заминуваат на обука 15 специјалисти, додека двајца ќе заминат на обука на 15. овој месец. Седум од нив заминуваат на стручен престој во јапонската болница во Бугарија „Токуда“, од кои двајца специјалисти - ортопеди (д-р Владимир Стојковски и д-р Зоран Шишков) ќе се едуцираат за најновите методи и процедури во областа на ендопротетика. На стручна додедукација во оваа здравствена установа ќе престојуваат и двајца офталмолози, кои ќе се дообучуваат за фако-метода (д-р Лидија Сотировска и д-р Газепов Страхил), како и еден специјалист за ОРЛ (д-р Бесими Зекири), општ хирург за торакална хирургија (д-р Мартин Шукаровски) и педијатар за неонатологија (д-р Зорица Тодоровска), рече Тодоров.

Тој истакна дека во турската болница „Аџибадем“ на стручна доедукација се упатуваат шестмина специјалисти од ЈЗУ, од кои двајца гинеколози - од областа на лапараскопска гинекологија и во областа на перинатологијата (д-р Искра Крсевска и д-р Лилјана Јовановска). На стручен престој во турската болница ќе престојуваат и двајца педијатри (д-р Силвана Наунова-Тимовска и Ница Кимовска-Христова), кои ќе се едуцираат за новини од областа на неонатологија, еден рендгенолог за КТ абдомен (д-р Виолета Василевска, како и пластичен хирург за реконструкција на меки ткива и гради по масектомија (д-р Игор Пеев).

- Во Институтот за неонатологија во Белград на стручен престој заминуваат двајца специјалисти по педијатрија, кои ќе се доусовршуваат во областа на неонатологијата (д-р Благовеста Паскали и д-р Марина Гацова). Специјалист-интернист по интервентна кардиологија (д-р Ана Вељановска) ќе се доедуцира во Институтот за кардиоваскуларни заболувања Дедиње, Белград, во период од шест месеци. Сакам да потенцирам дека специјалист-патолог ќе се дообучува во АКХ Виена (д-р Магдалена Богдановска-Тодоровска), истакна Тодоров.

Едукацијата, како што посочи, ќе вклучи изучување и примена на современите дијагностички техники во интерпретацијата и толкување на патолошките промени кај малигните заболувања како и инфламаторните заболувања во човековиот организам, а изучувањето на молекуларната и електрон-микроскопската техника и нивното совладување со воспоставување соработка со високо-образовната установа Медицински факултет во Виена ќе овозможи развој на научно-истражувачката дејност со можност за приклучување кон научни проекти на меѓународни европски установи и апликација за проекти од Програмата на ЕУ.

Посебно внимание во овие истражувања ќе биде посветено на канцерогените матични клетки и изучувањето на патогенезата на малигните болести, со цел за примена на индивидуализиран третман на овие заболувања.

Тодоров потсети дека во рамки на Програмата на Министерството, претходно на стручна доедукација во странство беа упатени девет доктори-специјалисти, од кои четворица лекари заминаа на едукација во болницата „Аџибадем" во Турција, тројца на Универзитетот во Мичиген, во САД, а двајца специјалисти во Клиничкиот центар во Белград.

На Универзитетските клиники во Скопје, стручна доедукација поминале 70 доктори од цела Македонија, главно од областа на кардиологија, радиологија и офталмологија.

- Целта е овозможување нови, како и подигнување на квалитетот на здравствените услуги и максимално искористување на најсовремената медицинска опрема што е набавена. Уверен сум дека со овие обуки ќе се подигне нивото на целиот здравствен систем заради подобрата дијагностика, поточно и навремено откривање на болестите, што потоа ќе резултира со навремено и точно лекување. Министерството во континуитет е фокусирано на доедукацијата на кадарот од ЈЗУ, како една од нашите главни заложби за подобрување на работата и подигнување на квалитетот на здравствена услуга која ја добива пациентот, додаде министерот Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека едукацијата на седумнаесет лекари-специјалисти чини 37.000 евра.