Од следната година Програма за борба против кардиоваскуларни заболувања во Македонија

Од следната година првпат во Македонија ќе  претставиме една владина Програма за борба против кардиоваскуларни заболувања, која ќе има повеќе активности. Една од основните цели на Програмата е до 2020 година да имаме за 20 отсто намалување на стапката на морталитет од кардиоваскуларни заболувања во Македонија.

Ова го изјави министерот за здравство Никола Тодоров во Реонски парк - Ѓорче Петров, каде денеска од 9 до 13 часот стручни екипи на Институтот за јавно здравје вршат бесплатни лекарски прегледи по повод 29 Септември - Светскиот ден на срцето.

Тој информира дека кардиоваскуларни заболувања се причина број еден за смртност во Македонија.

- Од 19 илајди смртни случаи, над 11 илјади се од овие кардиоваскуларни заболувања или околу 59,2 отсто што е многу висока стапка на смртност, рече Тодоров.

Поради тоа, посочи, сметаме дека е повеќе од неоходно да изготвиме една ваква Програма за борба против кардиоваскуларни заболувања во Македонија. Програмата ја изработи Институтот за јавно здравје, а се оечкува  да биде донесена 2013 година.

Тодоров истакна дека акцентот ќе биде ставен на промоција на здравје, здрави навики, здрава исхрана, физичка активност.

- Фокусирани сме и на интервентната кардиологија. Освен во Скопје сакаме да имаме ваков тип на интервентната кардиологијаи во други центри. На 6. август почнавме со  интервентната кардиологија во Битола, а ќе почнеме и во Тетово и Штип. Имаме обуки кои ги спроведуваме овој период, а еден доктор кардиолог ќе биде испратен на шестмесечна интервентна кардиологија во Дедиње, Белград, рече Тодоров.

Министерот за здравство истакна дека како и секоја година и оваа Светскиот ден на срцето се одбележува со контролни прегледи на отворено, кои опфаќаат мерење шеќер во крв, холестерол, крвен притисок и телесна маса. Беше поделен и едукативен материјал со превентивни пораки за здраво срце. 

- Интересот на граѓаните е одличен. Досега има извршено над 300 прегледи. Имаме апарат, кој првпат годинава го ставаме во употреба - анализатор на телесна структура или телесен состав. На тој начин годинава имаме поголем дијапазон на дијагностика која ја правиме на Светскиот ден на срцето, рече Тодоров.

Стапката на морталитет во Македонија од кардиоваскуларни заболувања е 553 на 100 илјади, посочи и додаде оти согласно сите норми и стандарди кои се во светски рамки, е за 53 поголема од некоја максимална прифатлива стапка која изнесува 500. Тоа, според него, ја сместува Македонија во земја со многу висок морталитет од овој тип на болести. 

Годинава, Светскиот ден на срцето се одбележува под мотото „Еден свет, еден дом, едно срце“.