Ѓорѓиев: Владата со нов проект за развој на планински туризам

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Туризмот е значајна стратешка гранка на која Владата посветува големо внимание. Бележи постојан раст и во бројот на гости но, и во приходите кои се остваруваат врз основа на туристичката дејност. Овој позитивен тренд е резултат на стратегиски насочената политика на Владата за спроведување на многу реформи, мерки, проекти и активности, кои се преземаат постојано.
 
Владата одлучи да се започне со реализација на нов проект за развој на планински туризам, кој опфаќа инвестиции во планинските туристички центри, како и изградба на нови сместувачки капацитети со планинска конотација, и тоа на локациите: Пониква-Кочани, Етно-парк - Берово и Беровско Езеро-Берово, Крушево, Голак-Делчево, Јанков Камен-Вевчани, и Лазарополе, Галичник и Тресонче во Маврово и Ростуше.

Во првата напредна фаза од проектот се опфатени 4 туристички планински центри, Пониква-Кочани, Етно-парк - Берово и Беровско Езеро-Берово, Крушево и Голак-Делчево за кои ќе се распише постапка за отуѓување на земјиште за изградба на нови сместувачки капацитети во соодветни туристички комплекси, а во 2 од нив Пониква и Крушево ќе се инвестираат и 140 милиони денари за изградба на нови атрактивни спортски содржини.

Владата во соработка и на предлог на општините, ги определи локациите за изградба на нови туристички сместувачки капацитети. На овие локации во иднина треба да се изградат сместувачки капацитети за планински туризам, кои може да бидат категоризирани како хотели, мотели, но и туристички викенд населби, како и спортско рекреативни содржини. Владата и општините инвестираат и обезбедуваат нивна урбанизација, сообраќајно поврзување, електрификација, водовод и канализациски систем.

1. За Пониква на конкретната локација се предвидени 135 викенд куќи и 12 комерцијални објекти и спортски терени (игралишта и ски патеки со лифтови). Комплексот е на површина од 20000 метри квадратни, опкружен со шуми и пасишта. До локацијата веќе е изграден пристапен асфалтен пат и таа е обезбедена со вода и електрична струја, и се наоѓа на надморска височина од 1580 метри, во близина на ловниот резерват Осогово.

2. За Берово се предвидени две локации. Првата е туристички комплекс „Етно Парк - Етно Село“. Површината на туристичкиот комплекс изнесува 53.500 м2, од кои 30% се наменети за градби. Туристички комплекс е наменет за рекреативен и здравствен туризам, со можност за изградба на хотели изградени како автентични селски објекти со малешевска архитектура, со користење на автентични материјали, и со пропратна инфраструктура како спортски терени, спа центри, забавни паркови.. Опкружувањето на комплексот е од источната страна со Манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“, а од југозападната страна со борова шума, се наоѓа на патот кој води кон граничниот премин „Клепало“.
Втората локација е Беровско езеро и е наменето за хотелски комплекс. На земјиштето е предвидена изградба на викенд населба, хотели и терени за спорт и рекреација. Земјиштето е со површината од 30.000 м2, од кои 21.000 м2 се наменети за градба.

3. За Крушево се определени три локации за мали хотели во викенд населба до езерото. Површината на комплексот изнесува околу 2.300 m2. До самата локација е изграден асфалтен пат, а во нејзина близина е предвидена и викенд населба, каде што најголем дел од локациите се отуѓени по пат на јавно наддавање и се очекува отпочнување со изградба на објектите. Во близина на локациите веќе има изградено комунална инфраструктура.

4. За Голак Делчево локацијата е со површина за градење од 15.143 м2. Намена на земјиштето е зона на ски лифтови, зона на комерцијално услужни објекти и зона на викенд населба, хотели, одморалишта, друштвен центар, комерцијално услужни дејности и спортско рекреативни површини. Локацијата е поврзана со регионален патен правец Р522 Делчево – Голак-Виница.

Во рок од 30 дена од денеска општините Кочани, Берово, Крушево и Делчево, треба да распишат постапки за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на јавно наддавање, за сите наведни локалитети. Со овој проект ќе се создадат услови за поголем развој на планинскиот туризам, со што ќе се зголеми локалниот економски развој на општините, ќе се зголеми градежништвото, ќе се отворат нови работни места, подобра искористеност на природните ресурси, како и подобри услови за развој на летниот и зимски туризам.

Второ, во насока на развој на планинскиот и зимски туризам, Владата одлучи да започнат инвестиции во спортско туристички содржини во туристичките центри Крушево и Пониква-Кочани. На истиве овие локалитети ќе бидат изградени најмодерни сноу борд паркови по сите светски стандарди, кои ќе опфаќаат изградба на специјализирани долги и кратки патеки, со соодветни препреки карактеристични за сноубордингот, сноу борд патеки и рампи. За таа цел, ќе се изградат резервоари за создавање на вештачки снег кој ќе овозможи користење на патеките независно од климатските услови, а во лето резервоарите ќе може да се користат како извор на техничка вода за граѓаните и компаниите. Се инвестира и во скијачките патеки кои ќе бидат осветлени и оспособени за ноќно скијање и сноубординг. Обезбедена е и опрема и ратрак возила кои ќе овозможат подобрување во функционирањето на овие туристички центри. За оваа цел се обезбедени и ќе бидат ангажирани 140 милиони денари, од кои 80 милиони за Крушево и 60 милиони денари за Пониква. Постапката за проектирање е веќе завршена, а во тек е постапката за избор на економски оператор за градба. Во текот на следната недела ќе се отпочне со градба на сноуборд паркот и патеката на Пониква, а следната ќе се отпочне со градба во Крушево. Доколку временските услови бидат поволни се очекува уште во текот на оваа зимска сезона инвестициите да бидат завршени и да почнат да се користат.

Со овие спортско-рекреативни содржини значително ќе биде зголемена атрактивноста на туристичката понуда во овие скијачки центри, што ќе овозможи поголема нивна посетеност, од туристи од дома и од странство, се создаваат можности за локален економски развој, вработувања и приходи за угостителите и бизнисот од овие региони.

За втората група на туристички локалитети, Владата зазема став и препорача, во наредните 15 дена општините Маврово и Ростуше за локалитетите кај село Галичник, Лазарополе и Тресонче, Радовиш за Плачковица, и Вевчани за Јанков Камен, да отпочнат со постапка за донесување на урбанистичко планска документација со која ќе предвидат локации за нови сместувачки капацитети со планинска конотација, со која ќе предвидат локации за туристички центри, спорт и рекреација, забавни паркови, спортски терени, нови хотелски комплекси и други сместувачки капацитети со планинска конотација, и за спроведената постапка да ја информираат Владата. По изготвувањето на урбанистичката документација, и за овие локалитети ќе биде распишана постапка за отуѓување на земјиштето.

Со овие проекти Владата јасно ја докажува својата посветеност за инвестиции и реформи во туризмот. Овие проекти ќе донесат нова вредност и за граѓаните и за бизнисите и ќе овозможат продолжување на позитивниот тренд на развој на туризмот.