Ставрески: Со 50 милиони евра од ЕБОР ќе се обновува возниот парк на МЖ Транспорт

 МЖ Транспорт а.д. Скопје со 50 милиони евра  заем од ЕБОР ќе го обновува возниот парк со цел да обезбеди поефикасен и поекономичен транспорт на стока и патници.   Договорите за заемот и за гаранцијата од државата ги потпишаа денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на МЖ Транспорт а.д. Скопје Оливер Деркоски  со шефот на Канцеларијата на ЕБОР во Македонија Елена Урумовска. 

Со 50-те милиони евра  ќе се врши набавка на 150 товарни вагони, 4 дизел-моторни троделни патнички гарнитури, 2 електро-моторни троделни патнички гарнитури и реконструкција на 5-6 електро локомотиви. Рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години и 6 месеци. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР, што моментно  изнесува 0,44  проценти, зголемен за маргина од еден отсто.

Според  вицепремиерот Ставрески,  со набавката  на  вагоните значително  ќе се зголеми економичноста на МЖ Транспорт бидејќи ќе се намалат трошоците за одржување на возниот парк. Ќе се унапреди конкурентноста  на претпријетието поради  тоа што ќе се создадат услови за поквалитетни услуги за превоз на стока и патници.

- Новата инвестиција во МЖ Транспорт претставува почеток на мини инвестициски циклус во железничкиот сектор, истакна Ставрески.   Почнуваат, укажа, активности за ремонт на железницата на Коридорот 10 во должина од 54 километри за што се обезбедени 17 милиони евра. Првата фаза  за изградба на делницата од Куманово до Бељаковце за која се веќе обезбедени 46 милиони евра од ЕБОР ќе почне во првиот  квартал на следната година. За втората  делница од Бељаковце  до Крива Паланка  моментно се инвестираат 2,7 милиони евра за изработка на основни проекти, а за третата до крајот на годинава  ќе се обезбедат дополнителни два милиони евра за проектирање. Почнати се и подготовките за проектирање на железничката пруга од Кичево до Охрид и албанската граница.

Министерот за транспорт  Јанакиески   најави дека набавката на вагоните ќе  овозможи меѓу 1.200  и 1.800  нови седишта за патниците кои ќе ги користат услугите на МЖ Транспорт а.д. Скопје.  Со активностите што ќе бидат преземени очекуваме квалитетот на услугите да се подобри целосно и да се осовремени железничкиот превоз, истакна Јанакиески.

Новите патнички вагони и гарнитури ќе бидат произведени  согласно сите европски стандарди и ќе треба да овозможат удобен и  комфорен  превоз на корисниците на услугите, целосно ќе бидат климатизирани   и со пристап за лицата со инвалидите, појасни министерот за транспорт, потсетувајќи дека последните купени вагони  и локомотиви  во  МЖ се набавени во 1978 година.

Според директорот на МЖ Транспорт а.д. Скопје Деркоски  кризата со која е зафатено претпријатието  може да се надмине само со инвестици, за што  добиле поддршка од Владата и од ЕБОР.  Со обновата на возните средства МЖ Транспорт значително ќе ја подобри ефективноста и ефикасноста на транспортот, посочи Деркоски. 

Динамиката за реализација на проектот предвидува кон крајот на оваа или почетокот на наредната година да  биде распишан тендер и кон средината на наредната година да се знае добавувачот за новите возни средства  на МЖ Транспорт.

Шефот на Канцеларијата на ЕБОР во Скопје нагласи дека со модернизацијата на железницата што ја поддржува ЕБОР ќе се направат целосни  промени  од кои ќе имаат корист и патниците и превозниците во товарниот сообраќај.  Во услугите на МЖ е инвестирано многу малку од почетокот на 90-тите години досега, а просечната старост на постојниот возен парк е меѓу 30 и 45 години.  Покрај за  набавка на нови вагони и возови  и поправка на електрични локомотиви, според Урумовска, со заемот се обезбедени пари и за подобрување на енергетската ефикасност на работилниците за одржување на МЖТ и за воведување систем за управување со енергетска ефикасност на ниво на цело претпријатие.