Средба на министерот Ристовски со министерот за прашања на борците од БИХ Хелез
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски оствари работна средба со министерот на Федералното министерство за прашања на борците и инвалидите од одбранбено ослободителната војна во Босна и Херцеговина, Зукан Хелез.
Како што соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика, двајцата министри на средбата разговарале на повеќе теми од областа на трудот и социјалната политика при што министерот Ристовски својот колега го информираше за реформите што се спроведуваат во овие области, како и за очекувањата и идните предизвици.
Министерот Хелез искажал намера за организирање регионална средба на која би учествувале министрите за труд и социјална политика од земјите во регионот, односно од државите кои што произлегоа од поранешна Југославија. Регионалната средба би претставувала своевиден форум за размена на искуства и добри пракси во областа на социјалната заштита, социјалното осигурување, како и во областа на трудот.
Во оваа насока се и заложбите на министрите Ристовски и Хелез за продлабочување и интензивирање на соработката помеѓу двете министерства.