Пешевски: Задоволни сме од економскиот дел во Извештајот на ЕК

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски денеска изјави дека Владата е задоволна од економскиот дел во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.

- Европската комисија има определени забелешки кои веќе им се познати на македонските граѓани. Тоа е високиот процент на невработеност, но во време на економска криза, Македонија беше една од државите кои успеа да го задржи на релативно стабилно ниво процентот на невработеност за разлика од голем број развиени држави во Европската унија. Мислам дека и со големиот број мерки кои ги правиме во делот на поддршка на малите и средните претпријатија, во делот на средствата што доаѓаа од Европската инвестициска банка и реформите за подобрување на бизнис климата, се движиме во вистинска насока, изјави вицепремиерот Пешевски. 

Генералната оценка на ЕК за економијата е позитивна. Во над 20 поглавја од Извештајот што се однесуваат на економијата се нагласува дека има прогрес и оти политиките што ги води Владата се насочени кон стабилноста на државата.