Премиерот Груевски ги посети учениците од Спортската академија

Сто и единаесет ученици се дел од Спортската академија која на 1 септември почна да работи во склоп на средното фискултурно училиште „Методија Митевски-Брицо“ во Скопје. Во пет паралелки млади спортски таленти се школуваат за професионални спортисти за ракомет (две паралеки) и за кошарка, тенис и фудбал (по една паралелка).

Нив денеска ги посети премиерот Никола Груевски, а изненадување за учениците беше и доаѓањето на познатиот хрватски фудбалер Давор Шукер, сега претседател на Хрватската фудбалска федерација, кој во Скопје е за вечерашниот натпревар меѓу Македонија и Хрватска на Арената „Филип Втори“.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазар Поповски изјави за медиумите дека Спортската академија е пилот-проект кој почна годинава и функционира во средното фискултурно училиште, во кое покрај овие, има уште пет паралелки во прва година.

- Овој пилот-проект на Владата на РМ го реализираат Агенцијата за млади и спорт и Министерството за образование и наука, а се однесува на пет насочени паралелки во четири спортови. Целта е да се формира македонски спортист во спортска смисла на зборот. Ако можеме да имаме еден Пандев, зошто да немаме уште десет такви. Ако сме имале напаѓач како Панчев, зошто не уште десет како него... Се формира една спортска школа но, од друга страна, се формираат индивидуи-спортисти кои по начинот на кој ќе бидат воспитани ќе знаат како се бранат боите на Република Македонија и како треба да се настапува за националните селекции, изјави Поповски.

Учениците од Спортската академија се најдобри таленти во Македонија и беа избрани во март. Обезбедени им се најдобрите стручни тимови за едукација, имаат ментори од средното фискултурно училиште и неделно за секој спорт имаат средби со познатите спортисти во земјава. Неколку пати годишно тие на семинари ќе имаат едукација и средби со познати спортисти и тренери од странство.

- Образованието е четиригодишно. Наставната програма е адаптирана  кон тренажниот процес. Не радува што дури 65 од 111-те ученици се со одличен успех. По завршувањето тие ќе може да се запишат на сите факултети, доколку полагаат државна матура. Наша интенција ќе биде да добијат посебни поволности, посебно учениците кои ќе решат образованието да го продолжат на некои од факултетите за физичка култура, рече Поповски.

Наскоро со средства од МОН ќе се реконструира спортската гимназија „Методија Митевски-Брицо“ и ќе добие дополнителни училници, лаборатории и други потребни простории за реализација на наставата. Поповски најави дека ќе се гради и сала со помали димензии и без трибини за подобри услови за тренинг на учениците од спортската гимназија и на студентите од Факултетот за физичка култура, како и изградба на мултифункционално игралиште.