Промовирани новите електронски учебници за 5-то и 6-то одделение

Сите учебници за кои Министерството за образование и наука има авторски права, Министерството за информатичко општество и администрација ги дигитализира и ги поставува на веб порталот e-ucebnici.mk, да бидат достапни за сите ученици.

Нови 53 учебници за петто и шесто оддделение се дигитализирани и поставени на веб страницата e-ucebnici.mk. Со тоа вкупниот број учебници кои учениците можат да ги најдат и користат во електронска форма изнесува 103.

 Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска на прес-конференција истакна дека посетеноста на веб страницата е голема за што потврда е податокот дека во текот на минатата учебна година кога беа поставени првите 50 учебници регистрирани се 342 илјади посети.

 Ивановски најави дека ќе продолжи дигитализирањето на сите оние учебници за кои Министерството за образование и наука има авторски права.

 - Постојат поголем број на учебници за кои авторските права се уште се во издавачките куќи. И покрај тоа што учебниците се отпечатени и бесплатно дистрибиурани во училиштата, сепак не можеме во овој момент да ги дигитализираме. Сите останати учебници кои ќе доаѓаат и за кои авторските права ќе бидат во сопственост на Министерството за образование и наука ќе бидат поставувани на овој портал, нагласи министерот Ивановски.

 Во електронска форма се поставуваат само оние учебници за кои Министерството за образование и наука има авторски права, а за користење на веб порталот годишно Министерството за информатичко општество и администрација плаќа околу 200 евра.

 Прашан која е смислата на овие дигитализирани учебници кога има училишта каде компјутерите не се користат, Ивановски одговори дека податоците го покажуваат спротивното.

 - Во септември 2010 година апликацијата schoool.mk имала 6.800 посети, во октомври 14.500, ноември 14.422, и во декември 11.467 посети. Така што доколку не функционираат компјутерите, не ќе може да се користат и апликациите, истакна Ивановски.

 Тој додаде дека е направена комисија која при посетата на основните училишта треба да утврди колку се користат компјутерите, а онаму каде ќе се утврди дека тие не се користат ќе бидат преземени санкции согласно Законот за основно образование според кој 30 проценти од наставата треба да се одвива пред компјутер.