Владата ќе ја усвои петгодишната Програма за поддршка на земјоделството и руралниот развој

 Владата денеска на седница ќе ја усвои петгодишната Програма за поддршка на земјоделството и руралниот развој проектирана на вкупно 700 милиони евра. Од нејзиното донесување производителите очекуваат голем бенефит, пред се обезбедување доволно храна за секоја македонска трпеза, но и задоволување на бараните количини за извоз.

Како што соопшти ресорниот министер Љупчо Димовски по јавната расправа на која се додефинираат предвидените мерки, Програмата е рамка во која ќе се движат аграрните политики за периодот  2013 - 2017. Предвидува драстично зголемување на субвенциите, а целта е земјоделците да го прошират своето производство, да го подобрат квалитетот и да ги надградат сопствените бизниси. 

- Планираната сума, што навистина е солидна, сакаме да ја реализираме во вистинска насока. Акцентот ќе биде ставен врз производството на сточна храна, примената на агроеколошките мерки и користењето сертифициран семенски материјал што ќе значи поголеми и поквалитетни приноси особено на житните и градинарските култури, нагласи Димовски.

Во фокусот на поддршката се и руралните средини, изградба на канализациски мрежи, водоснабдувачки системи и локална инфраструктура, патишта за полесен пристап на механизацијата до обработливите површини. Ќе се развива и руралниот туризам.

- Сакаме земјоделците да бидат добро информирани и да знаат што ќе се случува со субвенциите, во кој прваец ќе оди поддршката следниве пет години, рече министерот.

Програмата содржи повеќе измени во однос на досегашните едногодишни. Меѓу другото, ги обврзува земјоделците од 2015 година да применуваат добра земјоделска пракса и квалитетен, сертифициран семенски материјал. Деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна Драги Димитриевски оцени дека Програмата претставува чекор напред кон осовременување на македонската аграрна политика, нејзино прилагодување кон современите земјоделски регулативи во развиените земји и хармонизирање со заедничките политики на ЕУ членките.

- Програмата е изготвена врз основа на состојбите во македонскиот земјоделско-прехранбен сектор, структурата на земјоделството како почетна состојба и негов развој со основна цел, да ја зголеми конкурентноста. Мерките предвидуваат воведување стандарди и нема да предизвикаат нарушување на пазарни принципи. Посебно се посветува внимание на руралниот развој кој до 2017 година ќе достигне 28 отсто што е многу важно во сегашниот период, рече Димитриевски.

Земјоделците во целост го поддржаа усвојувањето на Програмата и изразија задоволство зашто првпат, рекоа, се вистински партнери со Владата. Се што е напишано во Програмата е нивна одлука.

- Вака конципиран, документот е вид мал устав по кој во наредните пет години треба да функционира македонскиот аграр, реќе претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров.

Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци, се осврна на измените и на обврските што Програмата им ги наметнува на производителите.

- Мора конечно да сфатиме дека не треба само да бараме поддршка, туку е неопходно и правилно да работиме. Од 2015 година ќе треба да применуваме добра земјоделска пракса и квалитетен, сертифициран семенски материјал, порача Шаклев.

На денешната втора јавна расправа покрај релевантните страни, земјоделските здруженија, науката и бизнис секторот, присуствуваа и премиерот Никола Груевски, како и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески што, според министерот Димовски, е уште една потврда за сериозниот пристап на Владата кон земјоделството. Првата јавна расправа по Програмата се одржа минатата недела.