Министерката Јанкулоска задоволна од сработеното во изминатите 100 дена од формирањето на Владата
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е задоволна од она што инстутуцијата со која раководи го постигнала во изминатите 100 дена од формирањето на Владата, кои, како што рече, се континуитет во реформите за приближување на полицијата кон граѓаните, во создавањето на модерна и европска полиција и континуитет во бескомпромисната борба против корупцијата и криминалот.
- Во овие 100 дена успеавме македонската полиција да ја промовираме во релевантен меѓународен партнер кој ужива целосна доверба кај сите странски пријателски служби, рече министерката за внатрешни работи на денешната прес -конференција.
За успешната работа, како што рече, сведочат бројни средби со претставници на меѓународните организации, договорените соработки, како онаа со Руската федерација, одржувањето на Министерски форми прв од таков формат што е организиран во Македонија.
Потврда за успешноста на полицијата, додаде, е и нејзиното учество во бројни меѓународни акции во кои беа пресечени повеќе канали за транснационален криминал, како заплената на 170 килограми кокаин во Грција, заедничката акција со бугарската полиција и апсењето на еден од бугарските нарко босови, откривањето на Перуанците т.н. голтачи на хероин, како и заплената на 30 килограми хероин и марихуана и разбивање на група што нелегално тргувала во Македонија и надвор.
Како некои од успешните проекти, министерката Јанкулоска ги посочи и договорот со Србија за патување од една во друга земја со лични карти, активностите за приближување на полицијата кон граѓаните, како и предложените измени за спуштање на старосната граница за полагање за управување со моторно возило од 18 на 16 години.
Министерката за внатрешни работи, како што истакна, очекува по овој јавен отчет опозицијата да излезе со беспредметни обвинувања за работата на МВР во изминатите 100 дена.
- Иако тоа не може да се оправда, но може да се разбере. Тие не покажаат ниту волја и храброст за промена и конструктивност. Со континуирано арогантно однесување и казната што од граѓаните ја добиваат шест пати на избори, тие продолжуваат да тонат се подлабоко. Така што нивната фрустрација е разбирлива. Но, добро е што конечно останаа зад нас сите периоди на нерасчистени случаи на шверц со нафта и цигари, периоди кога исчезнуваше дрога од депоата на МВР и периоди кога мистериозно се редеа атентати на претседатели на држава..., рече министерката за внатрешни работи.
Прашана на кои атентати станува збор, Јанкулоска истакна дека мислела на атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров. - Има ии други случки за кои не е затворена истрагата и може да има сомневања во една или друга насока. Јавноста шпекулираше и за други случаи. Со оглед дека не се расчистени сите опции, сите можности за истрага се уште се во оптек, додаде таа.
Запрашана за коментар како останува забележан случајот со убиството на Мартин Нешковски за што е осомничен припадник на полицијата, Јанкуловска останува на ставот дека МВР, како што рече, и покрај притисокот од јавноста и обидот на некои луѓе да профитираат на туѓата несреќа, успеало да го расчисти настанот за 24 часа и до надлежните институции да ја поднесе целата документација и доказниот материјал за да може во законска постапка да се донесе одлука.
Во врска со информацииите дека јавното обвинителство испитувало можности за евентуално прикривање на делото од страна на полицијата, таа истакна дека тоа има право да ги испита сите околности и доколку му се потребни било какви податоци, помош, информации и анализи МВР ќе му излезе во пресрет. Во наш интерес е, додаде, да се донесат одлуки кои ја задоволуваат правдата и оние кои го прекршиле законот да бидат казнети.
Министерката Јанкуловска одговарајќи на новинарско прашање во врска со појавата на нелегални мигранти во липковскиот крај, рече дека тие лица се претежно од Авганистан и Пакистан, и оти во најголем дел не дошле во Македонија оттаму, туку претходно биле во една земја членка на ЕУ.
- МВР ќе продолжи да врши проверки на теренот, ќе ги искористи механизмите што ни ги дава законот лицата да се вратат во земјите од кои доаѓаат. Во најголем број од случаите тие престојувале во некоја друга земја. Најбројни се оние кои престојувале во една земја членка на ЕУ. Ние направивме обиди тие да се вратат таму, но со оглед на актуелната состојба во таа земја потешко оди комуникацијата, така што не сме добиле позитивен одговор. Но, ќе бидеме упорни и ќе настојуваме сите земји потписнички на договорите за реадмисија со ЕУ да ги почитуваат бидејќи ако тие важат за Македонија треба да важат и за другите земји, рече министерката за внатрешни работи.