Тодоров: Спроведен тендер за набавка на реагенси, уште една мерка за подобра искористеност на парите во здравството

 Министерството за здравство спроведе тендер за набавка на реагенси за Поликлиника Драчево при Здравствен дом Скопје, Здравствен дом Виница и за Инфективната клиника. Компанијата што го доби тендерот за трите установи, обезбедува гратис по еден апарат за биохемиска анализа.  

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека ова е уште една мерка на Министерството, која е во насока на подобро искористување на расположливите средства во здравството.

Предноста е што компаниите, како што рече, наддаваат на цената на реагенсите и на тој начин овозможуваме да имаме фиксна цена на реагенсот која е прифатлива за здравствените установи.

- Вториот аспект е тоа што за целиот овој период од три години за колку што е склучен договорот целата обврска за какви било сервирања, замена на резервни делови е на товар на компанијата која го продава апаратот, потенцира Тодоров.

Од анализите кои ги правеле во Министерството констатирале дека голем број јавни здравствени установи спроведуваат еден тип набавка со која од компаниите кои се занимаваат со продажба на реагенси и лабораториска опрема добиваат гратис опрема, а потоа имаат обврска да набавуваат реагенси од компанијата од која го добиле гратис апаратот.

- Тоа беше пракса во изминатите 10 години во македонското здравство. Негативностите на овој концепт е дека многу често цените на реагенсите потоа беа многу високи и на тој начин самите преку цените на реагенсите, апаратот неколкукратко се исплатуваше на оној кој го дал гратис. Вториот аспект беше во делот на резервните делови и сервисирањето. Често пати се случуваше да видиме дека за резервни делови и сервисирање се трошат многу високи средства кои во многу случаи изгледаат како неадекватни во однос на самиот износ на опремата, рече Тодоров.

Тој појасни дека на овој начин здравствената устаноца не води грижа за тоа дали апаратот е исправен, дали треба резервни делови или да се набават скапи реагенси. Посочи дека цената на реагенсот е фиксна од една страна, а од друга страна компанијата која го продава апаратот има обврска апаратот постојано да е во функција во период од три години, по што тој преминува во сопственост на ЗУ.

- Ова е пилот проект со кој сакаме да пробаме дали овој концепт реално може да функционира и да ги даде бенефитите. Со овој тендер и ваков тип набавки здравствените установи гликозата ќе ги чини 9,72 денари, а споредено со другите установи кои сега ги набавуваат според стариот начин на набавка цената изнесува 38 до 40 денари. Анализата на уреа сега е добиена по цена од 11,45 денари додека во други установи кои самостојно набавуваат таа изнесува 42 до 44 денари итн., истакна Тодоров.

Следен бенефит е времето на изработка на резултатите, кое, како што рече, ќе се скрати за половина и ќе изнесува 20 минути.

- Со овој тип набавки овозможивме да се реализираат и некои ветувања кои сме им ги дале на граѓаните, а тоа е за Кисела Вода, во населбата Драчево да се отвори биохемиска лабораторија. Еден од апаратите е наменет за Драчево. Вториот е за Здравствениот дом Виница, каде граѓаните ќе можат да добијат поквалитетна здравствена услуга и третиот за Инфективната клиника, нагласи Тодоров.

Тој очекува дека овој начин на работа ќе даде заштеда на средства и доколку се покаже како финансиски одржливо да се примени како генерален концепт за сите лаборатории во државата, односно за набавка на сите реагенси.

-Според овој концепт функционираат сите современи здравствени системи во светот. Проблемот во Македонија е што не се спроведувала транспарентна постапка за набавка туку се добивале гратис апарати, а потоа тие во еден краток период неколкукратно се преплатувале како резултат на скапите анализи кои се добивале како резултат на скапите реагенси и одржувањето на апаратите, додаде Тодоров.