Mинистерот Попоски се сретна со британскиот пратеник Роберт Валтер

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска се сретна со британскиот пратеник Роберт Валтер, член на Европската демократска група во Парламентарното Собрание на Советот на Европа, воедно и известител за пост-мониторинг дијалогот со Република Македонија.

Како што соопшти МНР, на средбата министерот Попоски ги презентирал постигнувањата и напредокот на Република Македонија во областите кои се од примарно значење за Советот на Европа – владеењето на правото, судството, борбата против корупцијата, човековите права, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, како и за исполнувањето на обврските од изборниот процес согласно препораките на ОДИХР.

Министерот Попоски го информирал соговорникот за односите со соседите, истакнувајќи дека за Република Македонија градењето мостови и добрососедска соработка е од витален интерес.

Попоски истакнал дека Владата на Република Македонија  демонстрира политичката волја и посветеност за испорачување конкретни резултати релевантни за евроинтегративниот процес. Во тој контект, изрази очекување дека Советот на ЕУ ќе дејствува согласно препораките на Комисијата и конечно ќе донесе одлука за отпочнување на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија.