Македонија и Обединетото Кралство ќе соработуваат во областа на водокорисничкото право

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија Кристофер Ивон денеска потпишаа меморандум за соработка за реализација на проектот „Подобрување на правната рамка за животна средина во областа на водокорисничкото право“.

Проектот ќе биде раководен од Центарот за еколошка демократија „Флорозон“.

Потпишувањето на меморандумот, според министерот Адеми, претставува подобро меѓусебно информирање за процесот на транспонирање и имплементација на европските барања во делот на управување со водите.

Целта на Министерството, додаде тој, е да се олесни процедурата за добивање дозволи за користење на водите.

- Преку овој проект ќе се спроведе консултативен процес за измените на Законот за водите во водокорисничкото право и ќе се изработат подзаконски акти. Ќе се подготват и упатства за поднесување барања за користење на водите, како и онлајн апликација на веб порталот на Министерството. Ова го правиме со цел да се олесни пристапот на граѓаните во остварувањето на правото за користење на водите и да се олесни административната процедура, појасни Адеми.

Потпишувањето на меморнадумот и активностите од проектот, според него ќе придонесат кон подобро управување со водите во Македонија.

Преку имплементација на проектот, амбасадорот Ивон, посочи дека ќе се зголеми и ќе се подобри одговорното управување со водите на интегриран начин.

- Се надевам дека ова ќе им помогне на компаниите и на потрошувачите на вода тоа да го прават на поодговорен и поедноставен начин, како и да имаат подобар пристап до исправна вода за пиење. Ова е особено важно да се постигне на начин со кој се зачувува и заштитува животната средина, рече Ивон.

Уверен е дека успешното и ефикасно реализирање проектот ќе ја доведе Република Македонија поблиску до европското законодавство, што ќе значи чекор поблиску до хармонизирано законодавство, но и дека ќе се оствари вистинско партнерство меѓу Владата и граѓанскиот сектор.