Средба Ивановски-Валтер за ИКТ напредокот на Македонија

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска на средба со потпретседателот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа Роберт Валтер ги претстави активностите и плановите за развој на информатичкото општество во Македонија.

Пред Валтер, кој воедно е и известител за пост-мониторинг дијалогот со Република Македонија, биле презентирани напорите за достапноста на интернетот во сите општествени сфери и во домаќинствата. - Министерот Ивановски потенцира дека над 62 проценти од македонските домаќинства поседуваат компјутери и 55 проценти од нив имаат поврзување со интернет. Со овие достигнувања Македонија се наоѓа на листата на земји кои значајно напредуваат во ИКТ секторот, соопшти Министерството за информатичко општество и администрација по средбата.

Во делот на средствата за јавно информирање, Валтер се интересирал за напредокот кој Македонија го остварува на планот на слободата на изразувањето на медиумите и законската регулатива во таа област, а меѓу другото станало збор и за  донесувањето на законот за декриминализација на клеветата.

- Во наредниот период со новите законски регулативи ќе се настојува да се професионализира работата на медиумите, пред се на телевизиските станици, кои во иднина ќе бидат со национална и со регионална концесија. Според изнесеното, во подготовката на новиот закон ќе бидат вклучени мислењата на сите фактори кои имаат надлежности во тој домен, како што се медиумите, стручните мислења на европските земји, приватниот сектор.., се вели во соопштението.

Министерот Ивановски напоменал и дека македонските граѓани ќе имаат можност од 1 јуни следната година да ги следат телевизиските програми со дигитален сигнал, заменуваќи го постоечкиот аналоген. Со пренамената на фреквенциите што се користат во тој опсег, мобилните оператори ќе можат да понудат и 4Г услуга, што значи многу побрз интернет преку мобилните уреди.

Потпретседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Роберт Валтер препорачал зајакнување на соработката на Република Македонија со Советот на Европа и ja понуди помошта која земјава може да ја добие од најстарата паневропска организација.