Семинар за континуирано усовршување на наставниците по физичко воспитување

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и министерот за образование и наука Панче Кралев денеска присуствуваа на првиот од серијата семинари на тема „Континуирано усовршување на наставниците по физичко образование, основа за професионално напредување“, што се одржа на Факултетот за физичка култура во Скопје.

Директорката за Бирото Весна Хорватовиќ истакна дека денешниот семинар е прв од серијата обуки кои наставниците по физичко и здравствено образование во основното и наставниците по спортски активности од средното образование заедно со одделенските наставници ќе ги имаат од страна на советниците од Бирото за развој на образование, Факултетот за физичка култура во соработка со Агенцијата за млади и спорт.

- Целта на овие обуки, што нема да бидат само во Скопје, туку на територијата на целата земја и во текот на целата година континуирано, е да се унапреди и подобри квалитетот на часовите по физичко. На овие обуки, покрај тоа што професорите добиваат теоретски сознанија, добиваат практично и демонстрирање на вежби, а она што е новитет е и покажување на определени вежби и спортски активности кои се посовремени, како вежби за пилатес, рече Хорватовиќ.

Таа нагласи дека часовите по физичко воспитание, што се зголемија од два на три, и во основното и во средното образование треба да бидат суштински.

- Значи дека децата на овие часови треба максимално да бидат физички ангажирани и на таков начин да се придонесе не само за нивниот психолошки и интелектуален, туку и за нивниот физички развој, што е многу значајно, рече Хорватовиќ.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазе Поповски посочи дека Агенцијата издвои 500 илјади денари за организација на три семинари, односно обуки на кои ќе присуствуваат повеќе од 800 професори и одделенски наставници кои се поврзани со часот по физичко воспитување.

- Тоа се оние луѓе со кои нашите најмлади допираат до спортот и тие се тие што треба да ги поттикнат, да го зголемат нивниот интерес да се бават со спортски активности, но и да имаат способности и вештини кои се на високо ниво за да можат со тие категории на ученици да работат и да одржуваат ефикасен начин по физичко воспитување, изјави  Поповски.

Продеканката на Факултетот за физичка култура Ленче Алексовска - Величковска истакна дека оваа високообразовна институција сака да помогне да се подигне квалитетот на физичкото образование, а се во функција на здравјето на децата.

- Сепак, децата и адолесцентите се најважни. Преку физичкото образование ќе се избориме против пороците кои постојано се случуваат. Од овој базичен проект најверојатно ќе произлезат и други подпроекти со цел да ги намалиме агресивните тенденции, да се бориме против деформитетите особено што ги има од прво до петто одделение, така што се ќе биде насочено кон подобрување на наставата по физичко образование и тоа да биде во функција на здрава нација, здрави деца, здрави адолесценти, изјави Алексовска - Величковска.

Наставниците од повеќе скопски училишта ги следеа предавањата за современ приод на обучување скок-шут во кошарката, структура на одбојкарската игра и обучување на скок сервис без ротација и форми на негово изведување, вежби за обучување на техниката на атлетските дисциплини, развивање на полуконтра и контранапад од плитки и длабоки зонски формации и вежби за јакнење на телото, како нова содржина на часот по физичко и здравствено образование (пилатес).