Ставрески: Можност за плаќање преку мобилен телефон од крајот на годинава

Македонските граѓани   од крајот на оваа година ќе може одредени услуги да плаќаат преку користење мобилен телефон, интерент или кабелски провајдер. Ова е предвидено во измените на Законот за платен промет што денеска ги објави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, а произлегуваат како потреба наметната на современиот начин на живеење и современите технологии.

- Со измените на Законот за платен промет се воведува една  современа можност за дополнителен метод и начин за плаќање на услугите преку користење на мобилните телефони или преку користење на интеренет и кабелските провајдери. Имено со измените на законот се овозможува мобилните опретаори во договор со субјектите каде што ќе се вршат услугите да постават терминали и со приложување на мобилниот телефон на тие терминали исто како што со кредитна картичка се врши плаќањето да се активира вашата сметка на мобилниот телефон со внесување пин да се плати сметката. Потоа на крајот на месецот трошокот ќе биде вклучен во фактурата која ќе ви ја достави мобилниот оператор. Истото ќе може да се направи преку сметките за кабелските и интернет провајдерите, појасни на денешната прес-конференција министерот Ставрески.

Тој додаде дека ќе може да се плаќаат и за артикл или некоја услуга која е порачана од дома и испорачана во домот.

Според министерот ова ќе придонесе за зголемена конкуренција во платниот промет, намалување на провизиите и олеснување на граѓаните од аспект на тоа кога треба да платат некоја услуга да имаат повеќе опции на располагање.

Секој од нас, рече министерот, некогаш се нашол во ситуација кога се наоѓа на некое место, да речам во некој ресторан во ситуација кога сте заборацвиле паричник, или немате со вас кредитна картичка и нема начин како да се плати сметката.

Според измените во законот плаќањата кои ќе можат да се вршат преку мобилните оператори и преку кабелските и интернет провајдери ќе бидат ограничени за поединечен износ до 1.000 денари, а вкупно во текот на месецот 6.000 денари. Кај поединечните оператори ограничувањето на вкупните трансакции што може да се платат на ваков начин е 100 милиони денари месечно за сите корисници на услуги.

За да може да се користи оваа можност ќе треба да се склучат договори меѓу операторот, односно посредникот и оној кој што ја дава услугата, а исто така ќе треба да бидат и исполнети критериумите за вршење на платниот промет на Народната банка, што значи дека секој од овие мобилни оператори, кабелски и интернет провајдери ќе треба да добие одобрение од Народна банка преку исполнување одредени капитални и технички услови. Ова, како што рече министерот, е од причина што сакаат исто така да се сигурни дека платниот промет се извршува сигурно и дека нема да има злоупотреби и технички и други проблеми.

Минситерот очекува дека ова ќе наиде на поздравување кај сите корисници на услугите. Тој истакна дека претходно е разговарано со мобилните оператори, на чие барање е и направена измената и оти од нивните информации веќе некои мобилни оператори прават технички подготовки за воведување на вакви услуги.

Измените на законот се во целосна согласност со европските директиви, а според министерот се практично внесување на овие современи искуства кои веќе функционираат во развиените земји на пазарот во Македонија.