Јас и граѓаните сме на иста страна за името, интервју на Г-дин Никола Груевски за печатениот медиум “Утрински весник”

 

Господине Груевски Вашата трета Влада наврши сто дена. Колку сте задоволен од постигнатото?

Сметам дека во изминатиот период Владата ги постигна зацртаните цели кои се утврдени во Програмата за работа, и кои се резултат на нашите ветувања на изборите. Се трудевме тоа што го имаме ветено во програмата за овој период да го оствариме. И мислам дека постигнавме добри резултати. Но, има уште многу да се работи. Кога велам уште многу, мислам на сите проблеми наталожени низ минатото, но и нови, кои се појавуваат заради најразлични околности. За прв пат е постигнат договор за утврдување на минимална плата помеѓу синдикатите, работодавците и владата. За прв пат Македонија добива најмодерен аеродром во ликот на аеродромот Александар Велики, исто како и обезбедената пратка од 69 двокатни и 84 еднокатни автобуси за јавниот превоз. Отворен е Музејот на македонската борба за државност и самостојност, поставени се споменични обележја на значајни ликови од нашата историја. Продолживме со мерките за подобрување на бизнис климата, намалувањето на даноците, го укинавме данокот за мали фирми кои имаат обрт до 3 милиони евра, промовиравме даночен модел за средните фирми кои имаат обрт од 3 до 6 милиони евра, обезбедивме 50 милиони евра за кредити по ефитна каматна стапка при која ја субвенционираме каматата во износ од 5,5 отсто. Намален е ДДВ за туристички услуги, при што е зголемен бројот на странски туристи за 25 отсто во само една година, а вработувањата во туризмот за 40 отсто. Особено ме радува, што во овој период десетина странски компании се решија за инвестиција во Македонија, со што ќе бидат отворени околу десет илјади нови директни работни места. 

Една од нив е „Агрокор“ која отвори откупно-дистрибутивен центар кој е од извонредно значење за земјоделството и за пласманот, и заедно со субвенциите кои ги даваме и кои идната година ќе изнесуваат 130 милиони, ќе биде од голема помош за земјоделците. За прв пат се донесе закон со кој државата, преку проектите „Купи куќа-купи стан“ и „Пола-пола рата“, ќе дава финансиска помош за купување на стан или куќа од домаќинствата. Како печат на нашите успешни политики дојде и признанието од Светската Банка која во најновиот извештај ја прогласи Македонија за трет најдобар реформатор за 2011/2012 година, ја унапреди позицијата на Македонија на глобалната листа за 12 места, и сега сме на 22 место во светот, при што зад нас се сите земји од регионот и 19 земји од ЕУ. Реномираната агенција Фич, во време кога ги намалува рејтинзите на многу помоќни економски земји, го потврди нашиот кредитен рејтинг. Тоа се факти, и аргументи дека се работи.

Во Вашето интервју за МИА навестивте оти е можно идната година Македонија да ја загуби препораката за датум за преговори за членство во ЕУ. Подготвен ли сте на таков ризик?


Јас ја искоментирав изјавата на еврокомесарот Филе, кој на очигледно договорено прашање соопшти дека е можно да ни биде одземена препораката. Таквата прејудикација ја разбравме соодветно. И јас се почувствував повикан да одговорам и да искажам несогласување со оваа негова изјава, и со нејзиниот тон. Тоа е моја обврска и одговорност и тука нема ништо страшно, ниту пак е ерес, како што од опозицијата сакаат да претстават. Јас сум должен да реагирам во вакви околности и да одговорам на оваа суптилна порака. Ако сега имаме препорака и сме блокирани поради противењето на Грција, и е спречен понатамошниот наш прогрес кон евроинтеграциите, тогаш и ако ни ја одземат препораката нема ништо да се смени. Освен тоа што опозицијата во Македонија ќе проба тоа да го искористи за стекнување на некој ситен политички поен, врз грбот на националниот интерес, но тоа е карактеристично за нив. И сега сме блокирани, и тогаш ќе бидеме блокирани. Значи, повторно се' се сведува на спорот со Грција, а тоа беше и основната моја констатација, и кога го добивме Извештајот, и на изјавата на Филе, и во интервјуто на МИА. 

Во кој правец очекувате да се развиваат односите на Скопје со Брисел по пораките што ги пративте до Филе во интервјуто за МИА?

Нашите односи се базирани на заедничката верба во европските вредности. Тоа треба да се односи на партнерство, пријателство и соработка, а не на монопол и диктат од било која од страните. Мислам дека и ние и тие веруваме во заеднички вредности. Слобода, правда, еднаквост. Тоа се идеалите поставени од Шуман, Моне, Аденауер, тие се посилен столб од секој договор. Јас верувам во вредностите, и силно верувам во концептот на Обединета Европа.
 

Дали писмата до еврокомесарот Филе што ги пратија од Македонија значат дека се исцрпени сите политички средства на Владата во борбата за зачувување на македонскиот јазик?

Од Вашето прашање некој ќе може да извлече заклучок дека алудирате дека стотиците реакции на самостојни и независни институции, како МАНУ, Институтот за македонски јазик, Институтот за национална историја, друштвото на писатели на Македонија, спортски федерации, ДЛУМ, или Друштвото на Југословените итн., се поврзани со нас. Но, реакциите на македонското општество се автохтон проглас. Тие се автентични, и секое нивно поврзување со некого, со политичка партија, со Владата, е наивно, нецелисходно и неоправдано. Мислам дека тоа се исправни реакции, особено затоа што доаѓаат од претставниците на општествени групи од целиот спектар. Видете, нормално е да има реакции, немаше да е нормално ако немаше. Граѓаните се силно вознемирени, нарушено е достоинството на една нација.Тоа не може ниту една партија да го постигне, тоа е внатрешен изблик на незадоволство од одредена дискриминација. Политичките средства кои ги има Владата не се исцрпени, и по мене никогаш нема да се исцрпат, а ако се исцрпат ние ќе излеземе и тоа ќе го кажеме. Во овој случај Владата ги презема сите дипломатски, комуникациски, политички мерки за да се обезбеди заштита и почитување на меѓународните правила и принципи. И во оваа акција сите мора да сме обединети. По скоро три-неделното молчење и обид за дефокус и очајна критика заради критика, гледам дека и СДСМ сега се приклучува кон противење на негацијата на македонскиот јазик, но повторно несовесно, и тотално неодговорно, во нивни стил, се трудеше да покаже колку ја сака Европската унија и колку се тие подготвени да сторат кога би биле на власт. Тоа би го нарекол аматерско кокетирање.

Би сакал да се осврнам и на митот за постоење на придавката во некои од поранешните извештаи, што е добра работа.

Времето сега не е исто како пред букурешка Македонија, кога Грција ги отвори картите, го постави ветото, и јавно го посочи македонскиот идентитет како проблем, составен дел од спорот за името, го покажа вистинското лице. Претходно ако се сеќавате имаше еден куп прилики, извештаи и спорадични реакции на Грција, кога преку ноќ ни се бришеа придавките. Сетете се на кампањата „Не ме фиромирај, кажи Македонија“, која беше организирана од невладини организации, поради загрозување на идентитетот во време на СДСМ. Но тогаш сето тоа беше спорадично. Комплетно неспоредливо е времето кога СДСМ беше на власт, и денешницата, во постбукурешка Македонија, кога ветото ги отвори картите на соседите и суштината на спорот. Како и да е, без разлика на политичките недоразбирања и внатрешната дебата, сакам да кажам дека ние мора да се обединиме за ова прашање, и да нагласам дека секоја помош е добредојдена. 

Имате ли план „Б“ во случај Грција да не отстапи од барањата за името?

Последните настани се најдобар доказ дека не се работи само за името, туку и за идентитетот. Прашањето е длабоко и комплексно. Рационално е да се очекува дека Грција ќе се вразуми и наместо да се трудат толку да остават перцепција дека работат на ова прашање и дека тие прават максимум додека ние сме непопустливи, треба вистински да почнат да прават чекори кои се во насока на изнаоѓање на решение. Оттука, прашањето дали имаме план Б, или Ц итн. сметам дека е премногу фаталистичко. Инаку, еве уште еднаш да напоменам, ние сме за решение на деценискиот спор со Грција, но, решение кое ќе е одржливо, кое ќе е избалансирано и правично. Решение, со кое ќе нема промена на Уставот со цел промена на името, нема да бидат прифатени предлози кои ќе го нарушат идентитетот. Секое прашање ќе оди на референдум пред граѓаните. 
 

Стравувате ли дека гласачите ќе Ви свртат грб доколку направите договор со Атина?

Не е прашањето дали јас се плашам дали граѓаните ќе ми свртат грб, прашањето е дали ќе е добро ако јас им свртам грб на граѓаните? Ќе се согласите дека не е добро. Во ниту една земја, ниту еден политичар, ниту една теорија не говори дека е добро да се сврти грб на сопствениот народ. Впрочем ние сме имале случаи на домашни политичари кои свртеле грб на народот, го измамиле, не исполниле ветувања, оделе спротивно од неговиот интерес, и видовме како поминаа. Или се заборавени, или се господари, деспоти сами во своите партии. Зошто би излегувале на избори гледајќи ги граѓаните во лице барајќи ја нивната доверба, за потоа да им свртиме грб? И јас и граѓаните сме на истата страна и сакаме подеднакво добро на нашата татковина. И токму заради ова е референдумот, за никој да не се чувствува изневерен.

Очекувате ли промена на курсот кон Македонија од страна на Грција по последните случувања таму?

Ситуацијата во Грција се менува од час во час и можно е да се случат промени додека да излезе ова интервју во весник. Не може да се предвидат сите чекори кои му стојат на располагање на премиерот Папандреу. Можна е широка коалиција, можен е пад на владата, можно е владата да опстане, можно е да има референдум, можно е да нема референдум. Како и да е, ние се соочуваме со ситуација во последните месеци, односно од јуни наваму, немаме никаков контакт во однос на барање на решение за името. И тоа не е по наша вина туку затоа што тие се целосно фокусирани на кризата. Тие во овој период не сакаат да дискутираат по ова прашање. Моја претпоставка е дека како и да се одвиваат работите таму, не можеме да очекуваме во една ваква хаотична состојба во која се наоѓа нашиот јужен сосед тамошната влада која и да е и во која форма и да биде составена ќе биде во можност да се фокусира и да постигне компромис по прашањето кое не засега нас. Од тој аспект, ние сме во една неповолна ситуација.

Како го коментирате фактот што коалицискиот партнер ДУИ го направи еврокомесарот Филе почесен граѓанин на Чаир, а Ахмети по средбата со Волерс рече дека ако не се забрза членството во НАТО и ЕУ ќе има меѓуетнички немири?

Не би го коментирал посебно. Ако така решиле, и ако мислат дека е добро, нека тераат така. Можеби има нешто што Филе направил за Чаир, а јас тоа да не го знам. Не би ја коментирал и изјавата додека не се сретнам со господинот Ахмети за да ги чујам изворно деталите и мотивите. Често пати во минатото се случуваше да има погрешна интерпретација на неговата па и на други изјави. Би кажал дека ние правиме се што е во наша моќ да се решат проблемите и дека ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина. 
 

Македонија во последно време е под блиско меѓународно набљудување во однос на медиумските слободи. Како лидер на земјата, како се чувствувате поради тоа?

Јас сметам дека Македонија и во оваа сфера е на повисоко скалило на квалитет во однос на многу земји кандидати и аспиранти за членство во ЕУ, но и од многу членки на ЕУ, иако не велам дека се е идеално и дека не може да биде подобро. Но, овде би ве потсетил на дебатата во Европскиот парламент одржана на почетокот на март каде што беше нагласено дека сосотојбата во медиумите во ЕУ е загрижувачка.Тогаш, Оливие Базил од „Репортери без граници“ среде Европарламент изјави дека во Грција и Летонија има убиства на новинари, во Ирска има казна за новинари за богохулење во висина од 25 илјади евра, во Британија правниот систем дозволува кривично гонење на новинари од сите делови на светот, во Чешка постои закон за прислушување, а во Словачка постои задолжително право на одговор со што не се заштитува изворот, и дека постојат астрономски казни за клевета. И во Хрватска е исто, и во Србија и во Црна Гора. Со едно впишување на зборот цензура на светскиот интернет пребарувач излегуваат 50-тина страници кои се однесуваат на случаи во земјите од регионот. Чудно е зашто во Македонија овој проблем почна да се развива по случувањата во А1 телевизија, и тоа се користи за политички напади врз Владата. Тоа го сметам за непринципиелно, особено што и еврокомесарот за правда Вивијан Рединг, вели дека рацете на ЕУ се врзани бидејќи нема директива за медиуми. Се прашувам, ако вакви ситуации постојат секаде, која е целта на пренагласувањето во Македонија? Се плашам дека слободата на медиуми се повеќе може да се злоупотреби и да станува параван за непринципиелно и непрофесионално новинарство. И дека е навистина некоректно ако проблемот се лоцира исклучиво во Владата, а новинарите притоа да имаат посебен статус, односно да се забранува тие да бидат предмет на дискусија. Таа приказна одговара некому, што мислам дека е некоректно. Значи, сакаат да ја имаат моќта да критикуваат, да етикетираат, но не сакаат да ја носат одговорноста за кажаниот збор, како што ја носат на пример сите останати професии и општествени групи кои често се предмет на опсервација на новинарите (судии, лекари, бизнисмени, синдикати, спортисти, актери, уметници, академици, писатели, земјоделци, професори, студенти, итн.).

Отпочнавме дебата со новинарската фела во Македонија за подобрување на детектираните состојби, соработуваме со ОБСЕ на ова поле, и очекувам придвижување напред, иако сум сигурен дека и во моментов сме понапред од многу земји. Ние сакаме слободно новинарство и почитување на професионалните стандарди, тоа го сакаат и новинарите, и кога тоа е така понатамошен напредок мора да има.


Господине Груевски имавте ли грешки во изминатите пет години и кои се тие?

Не греши само Бог. Често пати велам дека кој работи и греши. 

Битно е само грешките да не бидат крупни и стратешки, и кога ќе се погреши и увиди грешката, тоа да се признае и поправи. Со оглед на тоа дека ја добиваме поддршката на шест изборни циклуси, веројатно народот, смета дека и моите и грешките на Владата не се огромни и непоправливи, и затоа и ни ја дава довербата. Граѓаните ни дадоа огромна поддршка на овие избори од 440 илјади гласови, и тоа после две и пол години тешка светска економска криза и блокада од Грција. Сепак, таа поддршка е со мало намалување за околу 8-9 отсто во однос на 2009 кога добивме 480 илјади гласови. Јас тоа го разбирам вака: добри сте, генерално добро терате, продолжете да работите вака и уште повеќе, но сепак, има некои сегменти од кои не сме задоволни, и на некои приоритети треба повеќе да се фокусирате и да ги форсирате, а пред се економијата. И да, во ова време кога нова економска должничка криза и рецесија во Европа е во нејзиниот почеток, неминовно е дополнително да се продлабочи фокусот на економските проблеми. Тоа го правам и ќе го правам.

Значи нема да има повеќе споменици?

Со последните три одлуки за подигнување на спомен обележја на Кузман Јосифовски- Питу, д-р Христо Татарчев и Павел Шатев, и со поставувањето на овие и другите споменични обележја, кое поставување треба да финишира до крајот на 2012 година, се заокружува програмата за подигнување на споменичните обележја. Значи завршува процесот. Не би можел да исклучам во целост дека во иднина, во смисла доколку се појави некоја посебна граѓанска иницијатива дека нема да се подигне некој друг споменик, но тоа ќе биде исклучок. Како што реков, програмата е веќе заокружена.

 Како го коментирате враќањето на тешката артилерија во СДСМ и најновите случувања таму?

Кога прочитав дека во СДСМ се вратиле старите кадри Илинка Митрева, Грчев, Никола Поповски, Таки Фити, Софија Тодорова, Тихомир Илиевски, Бузлевски итн., и дека тоа било враќање на тешката артилерија од нивна страна, не можев да поверувам. Си реков, навистина ова е тешка артилерија, ама е артилерија од Прва Светска Војна, застарено оружје, а ова е време на беспилотни летала, на сајбер војници, на невидливи авиони, компјутери. Оружјето, со кое условно кажано СДСМ сакаат да пукаат е од едно друго време, и за во музеј. Но, што може да понуди друго еден политичар, кој зема највисока пензија, во оваа смисла воен ветеран, освен оружје од времето кога бил генерал? Сите оние кои до неодамна глумеа експерти, сега се повторно во старото јато на СДСМ, и ако ова е изненадувањето кое го најавуваат, навистина сме изненадени што кај нив упорно ништо не се менува, што не е добро за државата, затоа што сето ова таму се рефлектира и на политичката клима и амбиент во Македонија.

Оваа генерација сака да го зачува правото на именување

Зошто имате толкав отпор кон компромис со Грција кога е јасно дека се вртиме во круг во поглед на зачленувањето во НАТО и ЕУ? Јасно е дека не може да се постигнат истовремено двете цели- и членство и уставно име. Што чекаме?

Неточни се тезите дека имам отпор кон компромис, нешто за што се труди опозицијата да ги убеди сите. Не се работи за време, се работи за принципи и за вредности. И нема потреба од вакви апокалиптични пристапи, што чекаме, или едното, или другото итн. Сепак, се работи за нашиот идентитет, а тоа не е прашање кое се решава за миг, поттикнат од ваквиот, да се биде или не пристап, и во мал круг на луѓе. Погледнете ги анкетите, огромно мнозинство од граѓаните не се за било каков компромис. Зошто се потценуваат граѓаните, кои јасно го кажуваат својот став? Зошто упорно се создава атмосфера во која ние треба да прифатиме се', или во спротивно се создава страв дека ќе одиме во провалија? Крајно време е да се престане со ваквите иронично самопонижувачки позиции, односно да се застане смирено и да се погледне реалноста. Ние сме самостојна држава, со систем, институции, слободно-мислечки граѓани, и мора, мора да веруваме во себе! Апсолутно, нацијата има приоритети, како и секоја нација, и ако оваа генерација оцени дека најголем приоритет е зачувување на основното право на именување и самоопределување, тогаш мора да се почитува и тој факт при политичките одлуки, и при поставувањето на вакви прашања и тези. Ако некоја друга генерација постави други приоритети за сметка на идентитетот тогаш нека се однесуваат согласно вредностите и верувањата. Исто како што имаме и јасен став дека веруваме во европските вредности, и дека сакаме интеграција во Европската Унија, и ние нема да се откажеме никогаш од тој приоритет.

 

Извор: “Утрински весник

Новинар Соња Крамарска