Кралев: Зацртаните проекти во образованието и по изминатите 100 дена интензивно се спроведуваат

 

Инвестиции во образовната инфраструктура, воедување на претпримеништвото како дополнителен предмет во средното школо, овозможување што поголем број стипендии и поттикнување на иновациите како основа за научно-истражуваката дејност беа основните приоритети на Министерството за образование во изминатите 100 дена од работењето.

Зацртаните проекти, како што нагласи денеска на прес-конференција ресорниот министер Панче Кралев, и натаму интензивно се спроведуваат.

- Продолжува реализацијата на програмите за изградба и реконструкција на основните и средните училишта. Од планираните 11 основни училишта за изградба, две се завршени, три се во завршна фаза, шест се градат, додека од планираните шест за реконструкција, завршени се пет, а едно е во финална фаза. Паралелно се градат две средни училишта, а целосно реконструиран е и еден објект. Воедно продолжува реновирањето и санацијата на вкупно 192 училишта, рече Кралев, осврнувајќи се на сработеното.

Минатиот месец, додаде, се потпиша Договорот за заем со Банката за развој при Советот на Европа од кој директна придобивка ќе имаат 110.000 ученици и наставници.

Ќе се градат и опремуваат 145 училишни спортски сали, 30 во средните и 115 во основните училишта. Во периодот август - октомври пуштени се во употреба и активно се користат 4 спортски сали во следниве училишта.

Кралев потсети дека во учебната 2010/11 година почна доделувањето на 2.800 стипендии за студенти запишани на додипломски студии во Република Македонија, 200 стипендии од типот А - на министерот за образование, 1.000 од типот Б – студентски стипендии и 1.600 од типот В - за студенти од социјалните категории кои претставуваат замена за студентските кредити. Дополнително, се доделуваат и 125 стипендии за студенти по информатичка технологија.


- Во студиската 2010/11 година се доделени 5 стипендии на студенти кои студираат на додипломски студии на престижните странски универзитети во областа на медицинските и техничките науки. На Конкурсот за прв и втор циклус студии во странство за академската 2011/2012 година се доделени и 7 стипендии за технички, опшествени науки и хуманистички науки, напомена министерот.

Тој посочи дека изминатиот период се потпишани и 37 нови договори за опремување лаборатории, а зголемена  е и субвенцијата на 30.000 денари што треба да ги мотивира домашните научни работници да објавуваат трудови во реномирани меѓународни научни списанија. До 1 ноември на овој конкурс во Министерството се доставени 113 пријави. Од првите 56, доделени се 40 еднократни финансиски средства во висина од 15.000.00 денари.

Спроведени се обуки на 5.500 наставници од основните и на 800 наставници од средните училишта кои предаваат по новите програми, правилниците за самоевалуација и за интегрална евалуација се во завршна фаза, во тек е формирање центри за кариера во средните училишта и на сите факултети при државните универзитети, а се спроведува и реформа на средното стручно образование со зголемување на часовите по практична настава.

Министерството за образование од август до октомври обработи 2.500 барања за трансформации на работен однос од основните и средните училишта од определено на неопределно време. Од нив 2.040 барања се оправдани и до 20 октомври трансформација на работен однос добија околу 800 вработени во основните и средните училишта.

- Донесена е Концепција за стручно оспособување во траење од две години, Концепција за стручно образование за занимање и Концепција за постсредно образование. Се овозможи на учениците со посебни образовани потреби полесна проодност кон високото образование. Донесените измени им овозможија на учениците со оштетен вид и учениците со оштетен слух стекнување на четиригодишно образование, со траење од пет години, полагање државна матура и упис на високото образование, рече Кралев.

Истовремено се промовира и моделот на доживотно учење и образование на возрасни, направена е анализа на потребите за дооформување на стручните служби во основните и средните училишта, како и нивно фазно вработување. Во првата фаза ќе се вработат педагози во училиштата во кои нема ниту еден педагог.

Од 1 септември водењето електронски дневник стана задолжителна обврска за основно и средно образование и во тек е фазата не имплементација на СМС апликација.

Врз основа на спроведените анализи и прибраните податоци Министерството реализира пилот проект „Рана Социјализација“ со кој,  до јуни 2012 година, ќе се спроведува истражување преку кое ќе се анализира успехот во совладувањето на наставните програми во прво одделение кај учениците кои биле опфатени со организирана воспитно-образовна работа во градинките и кај учениците кои не биле опфатени.

- Изготвен е и предлог проект за два модела на меѓународно основно училиште, со користење на националниот наставен план и програми за деветгодишното основно образование и со користење на Меѓународна бакалауреат програма, информира министерот.

Тој се осврна и на проектот „Веб портал“, на активностите за идентификација и поддршка на надарените и талентираните основци, како и на предвиденото воспоставување интернет страница која ќе им овозможи учење на македонскиот јазик на децата на македонските иселеници, но и на сите студенти што студираат на катедрите по македонски јазик во светот.

Во делот на високото образование, формиран е Националниот комитет за развој на научно-истражувачката дејност и технолошкиот развој.

- Во рамки склоп на проектот „наука.мк“ се опфатени два интегрирани система, за евиденција на научните активности на сите научници во земјава и нивните научно–апликативни активности (проекти), како и за самоевалуација и евалуација на наставниот кадар (професорите и асистентите) на сите високо образовни установи. Софтверското решение е готово при што системот за евиденција на научните активности ќе биде пуштен во употреба веднаш по внесот на сите научно – образовни институции, рече Кралев.

Интензивно се работи и на проектот за спречување на „одлив на мозоци“, наменет да ги задржи во Република Македонија студентите инженери, технолози и информатичари кои своето образование го завршиле во странство. Идејата е да се создадат примамливи услови поради кои младите интелектуалци ќе сакаат да се вратат во државата и своето искуство да го имплементираат и пренесат на овие простори.

Министерот најави формирање посебен фонд за стипендирање и кофинансирање на успешни апсолвенти и дипломирани студенти кои покажале исклучителни резултати за време на студиите. Преку фондот, на студентите ќе им бидат достапни професионални меѓународно признати специјализирани обуки и во текот на стипендирањето, студентите ќе бидат задолжени да дадат придонес и своето знаење и стручност да ги применат во реализација на најмалку три проекти од јавен интерес кои ги реализираат државните институции.

Одговорајчи на новинарско прашање, Кралев рече дека оваа учебна година повторно ќе се спроведе екстерно тестирање но само во одрдени училишта за да се провери софтверското решение. Доколку резултатите бидат добри, можно е процесот да стартува од идната учебна година.