Битола во регионален проект за заштита на културното наследство
Битола со старата чаршија е меѓу седумте локации во Југоисточна Европа вклучени во проектот Шерплан, чија цел е зајакнување на културното наследство преку планирање на животната средина и менаџментот. Проектот е поддржан од УНЕСКО, а финансиран од ИПА-фондовите на Европската унија.
За реализација на Шерплан во Битола се обезбедени 124.000 евра и е меѓу четирите кои се спроведуваат во Македонија во областа на заштитата културното наследство со средства од ИПА.
Долгорочната цел на Шерплан (www.cherplan.eu) е да придонесе за одржлив развој на историските градови, поттикнување на социоекономскиот развој, подобрување на квалитетот на живеење и отворање работни места.
Треба да заврши во фервуари 2014, а до крајот на таа година ќе биде промовиран заедно со проектите во останатите шест земји-учснички - Аквилеја (Италија), Берат (Албанија), Цетиње (Црна Гора), Халштат (Австрија), Идрија (Словенија) и Нафпактос (Грција).
Битола и битолската чаршија како споменична целина се предложени од стручните лица за заштита на културното наследство кои имаат листа на приоритети според степен и значење. Стручната проценка била дека Битола со чаршијата е најадекватна локација за потребите на Шерплан.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција рече дека Шерплан е регионален пример за вмрежување на институцииите на културата во полза на одржливото користење на културното наследство и неговото значење во општествениот и економски развој на државата.
- Во Република Македонија активностите се фокусирани на значајната споменична целина - старата чаршија во Битола, која е сведок на богатиот трговски и културен живот кој се одвивал во градот на конзулите. Целта на проектот е да му се врати сјајот на ова градско јадро во Битола и затоа во наредниот период ќе биде изработена посебна стратегија за ревитализација на битолската чаршија со акциски и бизнис-план, како и менаџмент план за зачувување на животната средина. Проектот предвидува и обнова и реконструкција на фасада на еден објект од богатото културно наследство на Битола, кој ќе биде избран на конкурс, како и поставување многу клупи, корпи за селектиовен отпад, еколошки светилки и многу други активности, рече министерката Канческа-Милевска.
Серена Кутрано од автономниот регион на Фриули Венеција Џулија од Италија, пертнер на проектот Шерплан, рече дека е задоволна од учеството на седум држави во проектот бидејќи со заеднички пристап се доаѓа и до подобри решенија и, како што рече, до најдобар начин на промовирање на културното наследство.