Канческа - Милевска: Наградата за Спомен-куќата на Тоше ја афирмира Македонија во меѓународни рамки
Капиталниот проект на Владата, Спомен-куќата на Тоше Проески, во чија изградба изминатиот период Министерството за култура вложи многу енергија, труд, посветеност и љубов доби значајно меѓународно признание. Ја доби наградата „People's choice award“ за најдобро идејно решение на Меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона, во силна конкуренција на 704 објекти од целиот свет.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска.
На интернет порталот „Open Buldings“ се гласаше за овој проект. Гласањето кое почна во август годинава, а заврши на 4 ноември, потврди дека 15.000 луѓе од целиот свет сметаат оти Спомен-куќата има најдобар идеен концепт, а изборот на гласачите го потврди и жири-комисијата на Меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона.
- Оваа меѓународна награда е од голема важност и за самите архитекти, авторите на проектот и пред се за Република Македонија, како држава. Наградата ја потврди оригиналноста, инвентивноста и креативноста на архитектите на Спомен-куќата, Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски, во соработка со Илија Божиновски и во иднина ќе им отвори нови можности, нови хоризонти за промоција на нивните авторски потенцијали, потенцира Канческа - Милевска.
Признанието „Peoples choice award“, како што рече, ја афирмираше Република Македонија во меѓународни рамки, го афирмираше Крушево и се разбира ја запозна пошироката јавност со ликот и делото на нашата музичка легенда Тоше Проески.
Министерката посочи дека македонските архитекти имаат сериозен потенцијал да освојат врвни награди на полето на архитектурата, за што говорат и наградите на Виктор Михајлов за идејното решение за концертната сала за Македонската филхармонија, признанието за проектот за Спомен-домот на Мајка Тереза на Вангел Божиновски и многу други.
- Оваа значајна награда е воедно уште една потврда за големината, едноставноста, високите човечки и уметнички вредности и квалитети кои во себе ги носеше Тоше Проески, а кои се препознаваат во гламурозниот објект на неговата Спомен-куќа, рече Елизабета Канческа - Милевска.
Архитектот Дејан Секуловски рече дека на Меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона, кој е еден од најголемите, се пријавиле во април годинава за учество. По извршена селекција на трудови, ги прифатиле. Во меѓувреме е востановена наградата „People's choice Award“, една од трите најпрестижни на овој фестивал.
Тој информира дека пред жири-комисија го презентирале трудот и ги запознале со Македонија, Крушево и со Тоше.
- Стручното жири не го коментираше многу објектот, од аспект на архитектура. Беа презадоволни од тоа, повеќе се интересираа за Тоше и за архитектурата на Крушево која беше дел од презентацијата. За делото рекоа дека е одлично аркитектонско вклопување на локација и на топографија на теренот, извонредно извршено и применето во минималистичката архитектура која зборува сама за себе, рече Секуловски и додаде дека оствариле многу контакти и оти имало интерес за Македонија и за се што се гради.
Архитектот Дејан Спасеновски истакна дека објектот е наменет за Тоше кој, како што рече, беше космополит, се роди во Крушево, припаѓаше на целиот регион и заслужи да има еден ваков објект во неговото место.
Спомен-куќата на Тоше беше отворена на 25 април годинава. Лоцирана е на Гумење во Крушево на површина од 870 метри квадратни. Има форма на крст, изградена е од бетон и стакло.