Интервју на министерот за здравство Никола Тодоров за „Публика”
Министерот за здравство, Никола Тодоров кој е првиот правник на ова функција, почна со драконски правни лекови да го лекува болниот пациент - македонското здравство. Со закана со затворски казни за лажни боледувања за лекарите, но и за пациентите, како и затвор за евентуалниот недостиг или повисоки цени на лековите, вели дека се обидува да го запре неконтролираното трошење на здравствениот денар, но и да ја врати насмевката на здравствените работници и на пациентите во јавното здравство. Штедењето го применува и лично и службено се вози во Голф5 стар над седум години. А приватно вози мотор марка Пјаџио, Тико и Сеат Ибица.
Велите дека буџетот на Министерството за здравството е зголемен за 30 отсто за наредната година и дека заедно со фондовскиот ќе тежи околу 400 милиони евра. Kаде ќе ги насочите парите и кога ќе почнете со реализација на некој крупен проект? До каде е идејата за изградба на нов клинички центар?
- Најголем предизвик во некои ЕУ-земји е како да се поделат плати и пензии, а ние имаме сериозно поголем буџет за здравството, и тоа за околу 30 отсто. Но и тие средства ни оддалеку не се доволни за нов клинички центар, за кој се потребни стотина милиони евра. И тоа е сериозен проект на кој сум посебно фокусиран. А уште на почетокот ги кажав целите. Првата е задоволството на пациентите и подигнување на квалитетот на здравствените услуги. Втората цел е апаратурата и едукацијата на докторите и трета - изградба на инфраструктурата. Во рамките на тоа е предвиден и проект со кој ќе се среди ситуацијата на скопските клиники. Имам конкретна идеја за тоа. Луѓето се учени таму да доаѓаат, има нова Гинекологија, а сега го средувам движењето и како да ги подобрам условите и комуникацијата меѓу клиниките.
Здравството од неодамна стана синоним за затворски казни. Најавивте дури и затворски казни за лекари и пациенти за лажни боледувања? Зошто и кривично гонење и дали навистина ќе се намалат злоупотребите или боледување нема да можат да добијат и оние што се навистина болни?
- Многу е лошо преку еден маргинален случај да се дефинира правило. Секогаш било можно некој што е навистина болен да не добие боледување поради некој каприц, незнаење, грешка на некој лекар. Нема црно-бело во светот. Не е возможно некој навистина болен да не добие боледување. А лекарите и треба да бидат исплашени зашто мора да се применува законот. Јас не ги плашам и не бркам вештерки, тоа не ми е целта. А во овие 20 години како да се бркале вештерки, „ќе се формирале комисии, ќе се испитувал случајот“. И се фрла дамка на целиот здравствен систем - дека ништо не чини, дека сите се катастрофа, дека сите поставуваат лоши дијагнози, дека се несовесни. Е, не, ќе се поведе постапка во рамки на правните процедури, а не преку „преки суд“ или со јавен линч, туку во рамките на правната процедура која е пропишана во Македонија во последниве 20 години. Значи, треба да се утврди дали има вина и виновникот да се казни. Но не може 20 илјади вработени во здравството да бидат заложници на еден или двајца што несовесно си ја вршат работата.
Не притискаат на разни начини
Со здравствениот денар што е на располагање в година ќе треба да им се даваат и повеќе услуги на пациентите. Kако ќе го постигнете тоа во услови кога секоја година се зголемува бројот на услугите што ги бараат пациентите?
- Во секоја земја во светот е истиот предизвик. Kако да се обезбедат што повеќе пари во здравството поради с` поголемиот број услуги што државата треба да ги дава. Но доста беше од политика на штедење во здравството. Се покажа во овие години дека оваа политика е непродуктивна, па да одиме со нова - со ефикасно трошење на расположливите средства. Имаме 400 милиони евра, тоа е огромна сума, колку за 200 километри автопат или три аеродроми. Прашањето е дали правилно се користат и дали има места од каде што неконтролирано протекуваат парите и нема директен бенефит на системот.
Има ли такви места?
- Има. Тоа е со лековите и затоа воведуваме крупна реформа која се базира на три принципи: конкуренција и на цени и на пазар; регулација и на цени и на пазар и трето, недозволување здравствениот систем во Македонија да биде во позиција на уценетост, преку вештачки недостиг на лекови, пациенти кои велат дека овој лек е подобар, овој полош, здруженија, лекарски грешки. Ако се случи некоја реформа и нешто треба да се смени, веднаш се појавуваат лекарски грешки, случајно или не. Наеднаш ќе почине некој во болница, тоа ќе го снимат повеќе медиуми, или некој несовесно ќе лекува, некои здруженија ќе излезат и ќе кажат нема определен лек. Има многу начини преку кои може да им се направи притисок, анализирав и за претходните министри.
Kој го режира тоа?
- Многу често се случувало голем дел министри да паднат во таа замка, и тогаш што се случува? Не ја креираш политиката, туку одиш да решаваш некогаш наметнати, а некогаш случајни проблеми. И вниманието твое како министер го насочуваш на конкретен проблем, а времето проаѓа.
Но и Вие пред два дена излеговте со став токму за два случаја на сомневања за можни лекарски грешки?
- Мора да има системско решение и јас не планирам веќе да излегувам за вакви случаи. Kога ќе има ситуација и некој медиум ќе каже дека овде има лекарска грешка, тогаш вие тврдите дека има лекарска грешка. Ниту јас, ниту Министерството, ниту санитарниот инспекторат нема мандат да открие дали постои такво нешто или не. За судот да одлучува треба некој да поведе иницијатива. Дали јавен обвинител, дали оштетениот, дали е МВР или кој било друг граѓанин мора да има иницијатива. Има органи што се надлежни да ги испитуваат случаите. И многу ми е криво што порано ова не било случај зашто многу одамна ќе го решевме ова горливо прашање. Не се сите незнајковци, напротив, здравствените работници имаат голем капацитет и на квалитетен начин си ја вршат работата. Ние тоа треба да го унапредуваме. Неподнослив е притисокот што го трпиме.
Kој го наметнува притисокот што го чувствувате?
- Над 150 милиони евра се трошат за лекови, плус десетици милиони за медицински материјал, за помагала, реагенси и потрошни делови за апарати. Станува збор за бизнис од околу 250 милиони евра годишно. Тоа се исто толку причини зошто некои луѓе сакаат работите да останат исти. А треба да се променат, за да се овозможи рационално да се трошат овие пари. Не е лесно во услови на криза, кога се тресе целиот свет, да обезбедиш 400 милиони евра за здравството. Се чувствуваме непродуктивно кога гледаме дека и мал дел од нив се троши нерационално. Преку зголемена конкуренција сакам да направам притисок да се намалат цените, да не дозволам да има поделени сфери на влијание, „ова е моја клиника, ова е твоја и тука ти продаваш“. Тука многу ќе помогне концептот на паралелен увоз на лекови - ако некој лек е регистриран кај нас, кој било друг што ги исполнува условите може да го увезе истиот лек и да го стави на пазарот. Тоа автоматски ќе доведе до намалување на цените.
Дали брзата регистрација на лековите за 15 дена може да биде можност на мала врата да се протне и некој неквалитетен и помалку ефикасен лек? Да не бидат пациентите колатерална штета на овие мерки?
- А што е неквалитетен лек? Од земјите што се предвидени - од ЕУ, Швајцарија, Норвешка, Kанада, САД, Јапонија, Израел, ако во нив е решено некој лек да биде регистриран, не може никој да ме убеди дека некоја лабораторија во Македонија ќе утврди дека во лабораторија во Јапонија е направена грешка.
Очекувате ли дека ќе ја извојувате оваа битка и дали сте сам во неа?
- Јас очекувам поддршка од 2 милиона граѓани кои треба да кажат дека некои работи треба да се променат. Веќе 20 години некои поголеми сили и интереси преовладуваат над интересот на граѓанинот, кој треба да е на врвот на пирамидата, а не веледрогерија, политичар, лоби-група или некој доктор. Од граѓанинот произлегува суверенитетот и на граѓанинот му припаѓа. Системот постои за граѓанинот и треба целосно да му е подреден. Но има и уште една многу битна работа - ако сакаме да постигнеме повисоко ниво на задоволство на пациентот, мора да постигнеме и повисоко ниво на задоволство на лекарот. Мора да има баланс на задоволство помеѓу здравствениот работник и пациентот. Ако има какво било отстапување, ќе имаме проблем. Ако се јави фрустрација кај пациентот, проблеми има лекарот и обратно.
Дали в година клиниките и болниците ќе треба да одделат пари за лекарите да можат да одат на конгреси без да бараат средства од спонзори?
- Во буџетот на Министерството одвоивме 10 милиони денари за една година само за едукација на лекарите, кои треба да аплицираат кај нас и ќе добијат. Програмата е за едукација за четири години и тежи 25 милиони денари, а ќе опфати голем број здравствени работници. Наскоро ќе објавиме едукација за нови методи и за здравствени услуги што скапо ги плаќаме во странство. Ќе ги едуцираме нашите доктори за таков тип услуги за да немаме одлив на парите во странство. Kлучната работа е што државата ќе ги задржи со правни договори тие доктори во јавното здравство. Ние сме ги едуцирале, сме платиле за обука во Виена, Германија, Израел, во врвни клинички центри. Па имаме полно право да побараме тие да работат во наредните 7, 10 или 15 години во јавното здравство. Тоа е и еден од начините како да се борам против одливот во приватното здравство.
Пациентот ќе може да избира. Точно ли е дека Министерството не платило рати за новата опрема?
- Тоа е начин на менаџирање на Министерството и размислуваме како тоа да го изведеме. Има уште неколку апарати што не се донесени. Одолжувањето со плаќањето за 10-15 дена, можеби некогаш и повеќе, не значи дека не ги сервисираме обврските.
Им ги поделивте и првите парични казни на директорите, но зошто на решенијата нема и правна поука за тие да може да ги обжалат, кога лицето мора да има право на жалба?
- Очигледно е дека не се правници. Има еден амандман 21 во Уставот кој вели: „Kога не е овозможена второстепеност, се оди на Управен суд“. Не може до мене пак да се жали, тоа е кадија те тужи, кадија те суди. Во таков случај Уставот утврдува дека Управниот суд ја обезбедува постапката.
Знаете ли дека некои директори на клиники се казнети и ретроактивно - за период во 2009 година кога не биле финансиски директори сега се удрени по џебот? Дали ќе ја повлечете казната?
- Ако има грешка, не се срамам да ја поправам.
Очекувате ли позитивен фидбек од паричните казни за 14 директори бидејќи овие мерки можат да се и контрапродуктивни – некои од директорите се жалат дека поради стресот од казните веќе го добиле синдромот „burn out“, па нервозата им ја пренесуваат и на вработените?
- Нервозата не е начин на менаџирање и од тоа ќе имаат многу негативен резултат. Менаџирање бара обмислени реакции во рамки на правилата на една здравствена установа. Ако имаме кавги, ќе биде уште полошо. Ред во државата мора да има.
Министерството и Фондот за здравство им должат на некои клиники пари по основа на програмите - на една хируршка клиника не сте платиле дури 8 милиони денари. Ќе наложите ли да им се платат неисплатените услуги?
- Има одредена динамика во која се плаќаат обврските и тие ќе бидат платени.
Селските ординации, како што тврдат лекарите, се пред клуч на врата откако Фондот за здравство им ја намали капитацијата од 85.000 на 60.000 денари? Наместо да ги стимулира лекарите да работат во рурални средини, Фондот ги демотивира...
- Тоа е одлука на Фондот за здравство. Го чувствувам притисокот, а повеќе луѓе и лично ми се обратија. Со молба таа рурална амбуланта да не се затвори. Станува збор за поинаков начин на пресметување заради стимулирање, да се борат за повеќе пациенти.
Ама лекарите не се во град, туку во села каде што има и по 15-ина жители?
- Не е така. Директорката на Фондот вели дека во некои села повеќето од жителите не се водат кај селскиот лекар, туку кај матичниот во градот. Поентата е оние што живеат во помали места да одат кај тие лекари, кои треба да се борат за сите пациенти од местото. Ние двојно плаќаме за иста услуга, а Фондот сака да најде начин поефикасно да ги користи парите. Ќе одиме внимателно со ова.
Новиот начин на регионално упатување на пациентите, кој ќе почне од јануари, веќе предизвикува многу негативни реакции во овој пробен период - граѓаните и натаму сакаат да се лекуваат токму на скопските клиники?
- Сега пациентот може да избира кај кој лекар ќе оди на целата територија, но на исто ниво на здравствена заштита. На пример, ако треба да оди кај очен лекар во Гевгелија, тоа може да го направи и во Скопје, но во новата Градска болница на секундарно ниво. Не може матичниот лекар да оцени дали нешто може да се заврши на секундарно или терцијарно ниво. Некогаш може, ако станува збор за итен случај, да го прати директно на Kлиника. Но специјалистот ќе каже во други случаи каде треба пациентот да оди.
Спонзорствата за лекарите ќе се пријавуваат директно во Министерството!
Kако ќе ги стимулирате здравствените работници на чии ентузијастички плеќи е целиот товар во јавното здравство?
- Предвидувам измени во Законот за здравствената заштита - кога некој ќе добие спонзорство, мора да го пријави во Министерството за здравство, кој го дал и за што. Ќе имаме и електронски регистар, па ќе знаеме кој лекар од кој производител или веледрогерија добил спонзорство, во кој износ и за која намена. Потоа, има посебни етички правила - кодекс на фармацевтската индустрија кој вели: „Никогаш не смее да се дозволи учеството на конгрес или некоја едукација да биде причина да се препише некој лек“. Тоа мора да се казнува. Единствен начин тоа да се превенира е јавно објавување. И утре, ако настане некој проблем, сите многу лесно можеме да го поврземе.
Министерството доби околу 17 милиони евра плус
Буџетот за 2011 година изнесува 2.704.277.000, додека предлог буџет за 2012 година е 4.890.210,000 значи зголемувањето е над две милијарди денари, но бидејќи преземавме обврска од ФЗОМ за целосно здравствено осигурување за неосигурените лица, што изнесува милијарда и четиристотини шеесет и три денари (1.463.000.000). Значи реалниот буџет ќе биде 3.427.210,000 (57 милиони евра) односно реалното зголемување на буџетот на МЗ за следната година изнесува 26,7 проценти.
Бирото за лекови не е компанија за остварување што поголем профит
Ќе ги намалите ли цените за регистрација на лековите и за ставање на лекот на позитивната листа зашто според предлогот, треба да се платат 1.000 евра само за лекот да се предложи на позитивната листа, а ако биде одбиен, три години подносителот нема право да аплицира?
- Планирам измена на тарифникот за регистрација на лековите, колку се плаќа, какви се начинот и постапката, зашто тој е бариера плус за ограничување на пазарот и на конкуренцијата. Намерата ми е овие цени да се намалат и тоа е следната реформа што ќе ја реализирам во наредните 20-ина дена. Бирото за лекови не е компанија која треба да остварува што поголем профит, а ќе имаме почести контроли. Бирото е јавна институција која треба да обезбеди да има квалитетни лекови во Македонија и контрола која ќе обезбеди на пазарот да не ни се случуваат какви било аномалии.
Здравството е под неподнослив притисок
Оценете го здравствениот систем во овој момент и услугите што ги добиваат граѓаните?
- Сега гледам здравствен систем под сериозен и неподнослив притисок, кој мора да го промениме. Стегите треба да се тргнат за системот да функционира по правилата што важат во овој сектор, особено на медицинските протоколи кои треба да се применуваат. Ние треба тоа да го овозможиме и да се фокусираме на добрите работи во здравството. Да кажеме - имаме одличен хирург кој добил награда за тоа и тоа. Почнав политика на дентален туризам и да ја прошириме приказната за квалитетното македонско здравство што е можно пошироко. Оценувам дека здравствениот систем има потреба постојано да се подобрува, за што има потенцијал. Ние никогаш не можеме да стигнеме до врвот, а имаме уште многу скалила да искачиме - докторите да се едуцираат за методи што досега не ги работеле, за кои плаќаме грдни пари во странство. Имаме нова апаратура, неодамна еден професор од странство коментираше дека опремата што ја има на Очната клиника ја нема во половина Европа.
Третманот во јавното да биде како во приватното здравство
Најголемиот предизвик е односот кон луѓето, тоа е најголемата разлика меѓу јавното и приватното здравство - во приватна болница одите и добивате насмевка, термин, без турканици, достоинствено, а во јавното здравство често недостига и „повелете“. Е, на ова ќе се фокусирам многу сериозно, третманот да биде како кон човек и ништо поинаков од она што е во приватното здравство. Вработените во приватното здравство до вчера работеле во јавното здравство.
Новинари: Љубица БАЛАБАН, Антонио СПАСЕВ