Груевски: Основците ќе учат од преведени британски учебници
Учебници за основно образование ќе се преведуваат од Велика Британија зашто, според анализите, тие во целина се најдобри во Европа за преземање и нивно користење од македонските ученици, иако одделно има квалитетни учебници и во скандинавските земји.
Премиерот Никола Груевски рече дека ќе бидат преземени учебниците од кои може да се пресликаат сите најдобри практики и искуства кои во нив ги вложила Велика Британија и меѓународно докажани стручни лица. Најпрво од областа на техничките науки, а во втора фаза и за општествените науки зашто предметите за национална историја, географија и мајчин јазик содржат специфики за државата.
- Ќе побараме дозвола од авторите и ќе ги откупиме правата. Правиме добар чекор, тоа ќе биде квалитетно подобрување на македонските учебници и нашите деца ќе може да учат од најдобро подготвени учебници во Европа, изјави Груевски во Куманово, по почетокот на градежните работи за ревитализација на пругите од Коридорот 10.