Од денешната прес-конференција на владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата особено внимание посветува на развојот и унапредувањето на информатичкото општество. Како резултат на инвестициите на Владата на ова поле, учеството на домаќинствата кои имаат пристап до широкопојасен интернет во вкупниот број на домаќинства од 43% во 2010 година се зголемува на 58% во 2011 година, а за 6 години е зголемен овој број за 3 пати.

Овој податок овозможува голем дел од услугите да се даваат наместо по физички пат, по електронски пат. На минатата седница Владата одлучи да почнат со реализација уште две мерки од областа на информатиката чија цел е да се олесни полесна достапност до услугите, намалување на трошоците на граѓаните и поголема информираност на граѓаните за нивните права и можности.

Од првиот квартал во следната година, плаќањето на административни такси и останати услуги за добивање на документи од страна на државата, граѓаните ќе може да го плаќаат со платежни картички. Оваа услуга досега не беше возможна. Оваа мерка се состои од две подмерки.

Првата значи дека во иднина граѓаните наместо најпрво да одат на шалтер во пошта или банка и таму да плаќаат уплатница за такса, сега доколку имаат платежни картички тоа ќе може да го направат на самите шалтери на институциите, каде ќе бидат поставени апарати за користење на платежните картички, слично како што тоа се прави во останатите локали и продавници од приватниот сектор.

Исто така, граѓаните и компаниите ќе може да уплатат за добивање на определена услуга или такса кон институциите со платежна картичка и преку интернет од својот компјутер. Тие ќе треба да ги пополнат податоците, да кажат за која услуга аплицираат, да извршат трансфер и ќе добијат верификационен код. Овој код кој е потребен за добивање на услугите, граѓаните кога ќе одат во институциите ќе го покажат, службеникот ќе го провери и ќе ја изврши услугата.

До крајот на оваа година овој проект ќе биде пилотиран во Министерството за внатрешни работи и Министерството за транспорт и врски, а негова експанзија со опфат на повеќе институции ќе следува во првиот квартал од 2013 година. Со ова граѓаните и компаниите ќе заштедат време, затоа што нема да имаат потреба да одат до пошта, или да одат на повеќе шалтери, туку само на еден шалтер, и ќе заштедат и пари, затоа што за една услуга нема да плаќаат двапати, односно нема да плаќаат провизии.

Второ, Владата одлучи и донесе заклучок значително да се надгради специјализираната веб страна opendata@mioa.gov.mk, на која граѓаните на едно место ќе може да се запознаат со најбитните информации кои се од нивен интерес. На оваа веб страна сите институции ќе објавуваат информации од јавен карактер битни за граѓаните и компаниите, на пример:
-список на адвокати кои даваат бесплатна правна помош,
-список на медијатори,
-бонитет на туристички агенции, односно кој како ја врши својата работа,
-потребни документи за апликација за некое право и
-список на вештаци и многу други работи.
Во првиот период се очекува од секоја институција да има по најмалку три битни информации од јавен карактер. На овој начин значително ќе се зголеми и транспарентноста на институциите и достапот на граѓаните до информации од јавен карактер.

Она што е сериозно значајно со овој проект е можност за негова комерцијализација и рекористење. Од овие податоци информатичките компании ќе може да прават специјализирани апликации од разни области, и истите да ги продаваат на корисниците на мобилната телефонија и мобилните оператори. На овој начин во земјите на ЕУ се прави годишен комерцијален обрт од 60 милијарди евра.

Овие нови проекти и информатички услуги значително ќе ги зголемат правата на граѓаните, ќе го олеснат пристапот до информации за нивни потреби, ќе создадат можности за комерцијален обрт, и ќе заштедат пари и време на граѓаните.