Средба на министерот Бесими и генералот Котески со припадниците на контингентот во ЕУФОР-АЛТЕА

Припадиците на Армијата на Република Македонија континуирано ги покажуваат своите вештини и способности, а воедно и ја претставуваат Армијата и Република Македонија во вистинско светло, како верен и постојан придонесувач кон глобалната стабилност и мир.

Тоа беше истакнато на денешната средба на министерот за одбрана на Република Македонија Фатмир Бесими и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески со припадниците на АРМ кои беа дел од операцијата ЕУФОР-АЛТЕА (Алтеа-12).

- Резултатите кои ги постигнавте се дел од добриот процес на селекција, процес кој е исклучително важен особено кога станува збор за помала група луѓе. Одговорноста која ја покажавте се исплати – вие се вративте живи и здрави, побогати за едно големо искуство кое ќе биде голем напредок за вас и за вашите колеги, истакна министерот Бесими за време на средбата.

Според Бесими, соопшти денеска МО, секоја наредна мисија поставува нов и повисок стандард, а исклучок од тоа не е ниту оваа ротација. МО и АРМ, подвлекол министерот, се насочени кон секој припадник, секоја индивидуа, посветувајќи се на поединечните потреби и посветувајќи поединечно внимание и почит.

Генералот Котески истакнал дека припадниците на ротацијата исклучително добро се презентирале себеси, своите способности и капацитети и видниот професионализам, а со тоа и Армијата на Република Македонија.

- Нашите заложби се поврзување со регионот и со подалечните воено-медицински установи. Всушност, ние сме лидери во регионот во оваа област, бидејќи посветуваме внимание на медицинската заштита, посочил генералот Котески.

Следејќи ја новата практика на АРМ за доделување значки на припадниците кои биле во мисија, а со цел потврда за несомнениот личен и државен придонес кон меѓународните мировни мисии, генералот Котески на командантот на контингентот, полковникот Душан Стојановиќ му додели сребрена значка на АРМ, додека на останатите припадници на контингентот, бронзени значки на АРМ.

Припадниците на контингентот Алтеа-12 во операцијата ЕУФОР-АЛТЕА во Босна и Херцеговина извршуваа поголем број задачи, како што се давање медицинска поддршка за ЕУФОР-АЛТЕА и за персоналот во базата „Бутмир“ во Сараево, потоа медицинска поддршка за разни настани (Денот на Европа) и за спортски активности. За време на ротацијата, се подвлекува во соопштението, извршени биле 1.430 медицински прегледи, со што значително се придонело кон одржување и подобрување на здравјето на припадниците на ЕУФОР-АЛТЕА.