Започнува постапката за продажба на АД „Славија“
Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Почитувани,
Како што беше најавено, Владата и Агенцијата за управување со одземен имот ја интензивираа својата работа во насока на средување на сите процесни подготовки за продажба на имотот кој е претходно конфискуван врз основа на правосилни судски пресуди за сторени кривични дела.
Оваа активност е во насока на менаџирање на последиците од сторените кривични дела и отстранување на штетите кои се предизвикани со криминални активности, штети и за државата и за буџетот, но и за други субјекти кои без своја вина трпеле негативно влијание од криминалните активности.
На овој начин и со ваквиот стил на работа, се ефектуира борбата со криминалот и корупцијата, и директно се влијае на одвраќање на потенцијалните сторители на кривични дела од криминогеното постапување.
Се разбира, дека активноста е значајна затоа што со продажбата на криминогено стекнатиот имот кој е претходно конфискуван се обезбедуваат средства за разни потреби на граѓаните и на општеството.
Владата одлучи и ја задолжи Агенцијата за управување со одземен имот да ја отпочне постапката за продажба на АД „Славија“.
„Славија“ е акционерско друштво каде што 98% сопственост и управувачки пакет има акционерот Агенција за управување на конфискуван имот. Сопствеништвото, како и управувачкиот пакет над акциите на „Славија“ е пренесено на Агенцијата при конфискацијата на овие 4285 акции од лицето Кирил Кочоски, врз основа на правосилна судска пресуда за сторено кривично дело и решение за конфискација. Според истата пресуда Кочоски има направил штета од 97 612 997 милиони денари.
Бирото за судски вештачења има направено проценка на имотот на АД „Славија“, според која имотот кој го поседува друштвото изнесува околу 25 милиони евра. Обврските на друштвото пак кон субјекти, за плати на вработените, обврските кон доверителите, обврските кон државата и државните фондови, и сите други обврски изнесуваат околу 17 милиони евра. Ова значи дека „Славија“ е атрактивна за продажба и очекуваме да се појави интересент за купување.
УО на „Славија“ во идниот период треба да направи финална проценка на вредноста на капиталот на фирмата, при која Владата ги задолжи да се земе проценката на Бирото за судски вештачења, долговите, побарувањата, спорните капитали, судските процедури, и особено потпишаните договори за изнајмување на деловен простор кои се со клаузули и не може да се раскинат.
Потоа врз основа на финалната проценка треба да се определи поединечната цена на акциите, да се изработи информативен проспект и портфолио за продажба на акциите. Овие процедури би требало да завршат до крајот на овој месец.
По оваа постапка, УО на АД „Славија“ треба да отпочне интензивна кампања за известување на сите аспекти за продажба на акциите. Тоа опфаќа информирање кон субјекти, лобирање за продажба на акциите и претставување на корисноста од продажбата на друштвото за потенцијалниот купувач, за што има доста позитивни аргументи, особено вредноста на имотот кој за најмалку 1/4 ја надминува вредноста на обврските. На секој потенцијален инвеститор ќе му биде овозможено да изврши увид во документацијата на „Славија“, во секој акт на друштвото, за да се увери во корисноста од деловниот потфат.
По завршувањето на овие постапки акциите ќе бидат продадени на берза во конкретен датум за кој јавноста ќе биде дополнително известена, со ориентационен термин во периодот пред или по Нова година.
Средствата кои потенцијалниот купувач ќе ги уплати за купување на акциите ќе бидат уплатени во Буџетот и ќе служат за задоволување на потребите на граѓаните, во смисла на плати, патишта, енергетски објекти, спортски сали, субвенции итн..
Купувачот се стекнува со право да располага со имотот по сопствено убедување и обврска да ги сервисира обврските кон субјектите на кои им должи друштвото. Значајно е да се истакне дека со преносот на сопственоста на новиот купувач приоритетно ќе биде решен проблемот со заостанатите плати на вработените, со што се решава еден проблем од транзицијата.
Ова е порака до сторителите на кривични дела дека Владата нема толеранција кон криминалот. Оние кои се решаваат на противправни дела треба да се свесни дека ќе го изгубат својот имот, и треба да се знае дека е можно и веројатно во некои случаи, како во овој случај, поранешниот сопственик кој е кривично осуден да изгуби поголем имот од оној кој е стекнат со криминогената активност.