Промовирана Антологија на современа турска поезија
Антологија на современа турска поезија преведена на македонски јазик и приредена од писателот Фахри Каја денеска беше промовирана во „Матица ексклузив“. Содржи избрани песни од 75 турски поети кои твореле во 20. и во првата деценија на овој век.
Меѓу нив се и двајца турски книжевници родени во Скопје - Јахја Кемал Бејатли и Јашар Наби Најир, како и Фазил Хусни Даглараџа, носителот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 1974 година. Објавувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура и од Турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на промоцијата истакна дека благодарение на преведувачкиот ангажман на писателите од турската заедница во Македонија е воспоставен духовен мост меѓу Македонија и Турција. Покрај Фахри Каја, ги спомна и Неџати Зекирија, Илхами Емин, Нусрет Дишо Улку, Дрита Карахасан, Алаетин Тахир... кои придонеле за подобро запознавање на литературите на двете земји.
- Турската литература е особено блиска до македонската читателска публика. Нејзините длабоки стилски особености ни се познати преку преводите на значајните класици и современите писатели од турската книжевност кои се достапни кај нас, а делата на турските автори кои творат во нашата земја се застапени и во капиталниот проект на Владата на РМ и Министерството за култура „130 тома македонска книжевност“, рече Канческа-Милевска.
Директорот на центарот „Јунус Емре“ Тајфун Калкан истакна дека преведувањето поезија е амбициозна задача зашто пораката на зборот и пред се чувството е речиси невозможно да се пренесе од еден на друг јазик.
- Оваа антологија на едно место ги презентира највпечатливите примероци на современата турска поезија. Фахри Каја се зафатил со многу тешка работа. Но тој имаше голема шанса бидејќи е свесен дека читателската јавност веќе е подготвена да ја разбере оваа поезија и да ги чувствува нејзните зборови, бидејќи ние имаме заедничка културна меморија..., рече Калкан.
Приредувачот Фахри Каја (Куманово, 1930), кој од 1956 членува во Друштвото на писателите на Македонија, ги избра и преведе песните во антологијата, а напиша и предговор за развојот на турската поезија.
На промоцијата истакна дека турската литература е меѓу најстарите во светот, со први пишани текстови во 6-7 век, која особено се збогатила по примањето на исламот и била под силно влијание на источните култури, арапската и персиската, што траело до 1923 година, кога е создадена Република Турција.
-Се смета дека почетокот на националната турска литература е во 1911 година, и тоа во Румелија, во Македонија, со издавање на списанието „Млади моливи“ во Солун од седум-осум автори. Но, модерната турска литература доаѓа подоцна, со создавањето на Република Турција на Ататурк, период кога минува низ разни фази и се осовременува под влијание на западните автори. Значајно е да се спомене дека современета литература почнува да ја создава еден скопјанец - Јахја Кемал Бејатли, голем турски поет, кој по неколку години поминати во Париз, прави спој на старата - отоманска или диванска литераура, со новата, модерна литература, истакна писателот и преведувач Фахри Каја.