МАПАС одбележа 10 години од основањето

Агенцијата за супервизија на капитално финансиско пензиско осигурување (МАПАС) денеска одбележа 10 години од формирањето.

Од основањето во 2002 година досега, МАПАС има задача да се грижи за правата и интересите на членовите во пензиските фондови чија бројка изнесува околу 318 илјади во вториот и околу 15 илјади во третиот пензиски столб. Средствата на пензиските фондови во овие изминати години достигнаа вредност од околу 330 милиони евра во вториот и околу три милиони евра во третиот пензиски столб.

Според министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој присуствуваше на денешната прослава, МАПАС во изминатиот период прераснал во сериозно регулаторно тело кое со најновите законски измени е комплетно независно.

- Кога ќе се направи споредба низ изминатите 10 години во работењето на МАПАС не е можно а да не се забележи брзиот и обемниот напредок кој е постигнат се до денес. Овој прогрес понатаму не обврзува на уште поголема заложба и давање на максимумот на целиот наш потенцијал МАПАС да стане препознатлива и пример за стручна, современа, ефикасна и стабилна институција од доверба и респект, истакна Ристовски.

Нагласи дека очекувањата на Владата се и во иднина да продолжи сериозниот надзор и супервизијата над приватните пензиски фондови со цел да се обезбеди стабилен пензиски систем и материјална сугурност на граѓаните во старост. - Нашите очекувања се дека во следниот период многу ќе се зголеми квалитетот, а од друга страна, со намалувањето на влијанието на кризата ,ќе продолжи процесот на инвестирање на средства со што ќе се обезбедат дополнителни средства за крајните корисници, рече Ристовски.  

Директорот на МАПАС Булент Дервиши најави дека за нив во иднина останува предизвикот за раст и унапредување на оваа институција, како и на системот на капитално финансиско пензиско осигурување и заштита на интересите на членовите.  

Агенцијата за супервизија на капиталното финансиско пензиско осигурување е основана во 2002 година како независно регулаторно тело. Формирана е заради вршење супервизија на работењето на друштвата за управување со пензиски фондови.