Јавна расправа за одржливо популациска политика во Македонија

 Прва  јавна расправа за одржливо популациска политика во Република Македонија се одржа денеска во Собранието на Република Македонија. Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски најави процеси за подобрување на состојбата со наталитетот и мобилизација на сите чинители во системот и потенцијали со цел да бидат донесени и имплементирани сеопфатни мерки и политики како вработување, родова еднаквост, грижа за децата и здравствени услуги.

На расправата која ја организираше Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собранието присуствуваа владини претставници, професори, претставници на меѓународни и невладини организации.

Во моментов, информираше министерот Ристовски, заедно со експерти ангажирани од Фондот за население на ОН (УНФПА)  се прави ревизија на Националната стратегија за демографија 2008-2015. Покрај меѓународната експертиза, Владата ги ангажира и домашните експерти и во таа насока е потпишан Меморандум за соработка со Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Ристовски, повикувајќи се на последните податоци од Заводот за статистика, предупреди дека во 30 македонски општини во првите девет месеци од годинава има повеќе починати лица наспроти новороденчиња. 

- Овие бројки се официјални и доколку направиме проекција за наредните 20 години ќе се соочиме со застрашувачка слика за демографските трендови во земјава. Овие бројки не носат развој во општеството, изјави министерот кој побара сеопфатен и општоприфатен граѓански политички консензус за справување со ваквата состојба на демографски трендови.

Во однос на овие трендови, според претставничката на  УНФПА  Соња Танеска, нашата држава се соочува со предизвици кои се заеднички со другите држави ширум светот и во регионот, како што се ниската стапка на раѓање, што е горливо прашање и во повеќето земји на ЕУ.

Според последните информации од регионот, стапката на прираст на население во Македонија е многу слична со земјите во регионот, Црна Гора, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина. Танеска предупредува дека лицата постари од 60 години се најбрзо растечко население. До 2045 година се очекува бројот на лица постари од 60 години да достигне 1.838 милијарди и првпат во човековата историја бројот на овие лица да биде поголем од бројот на деца на возраст од 0 до 14 години.

Мигрирањето на населението е исто така клучен елемент на популациските трендови и има влијание врз демографската состојба врз државата и токму затоа треба да биде разгледувано во контекс на популациските политики. Вработеноста е исто така важен фактор, поради тоа што стапките на фертилитет се пониски во земјите кои имаат голема невработеност помеѓу младите, како и краткорочни вработувања. Неопходен е системски пристап кон ова прашање и пристап до широк спектар на услуги и политики во поддршка на семејствата кои ќе дадат резултат во иднина, изјави Танеска.

Професорот Јован Пејковски од Институтот за социјална работа и социјална политика „Мајка Тереза“ предупреди дека демографските движења влијаат врз економските и социјалните текови и ги лимитираат развојните можности. Предложи низа мерки за зголемување на вработувањето, за зголемување на приходите во семејството, обезбедување станбен простор за новите семејства...

Пратениците од македонското Собрание сметаат дека на Македонија и е потребна ваква стратегија и дека треба да се обезбедат услови и да се стимулираат семејствата да имаат што повеќе деца.

Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека сега Македонија има два милиони жители, а годишно има околу 20 илјади новородени деца, додека во 1950 година кога населението броело милион и 200 жители, имало 50 илјади новородени деца.

Ѓорчев одговарајќи на реплика на пратеничката Светлана Мезгалова Вучетиќ наброја низа мерки што ги презела Владата за подобрување на одредени состојби во општеството и предупреди дека за оваа тема не треба да се настапува партиски, бидејќи Македонија 40 години е во демографска рецесија.

Мазгалова Вучетиќ, пак, рече дека вработувањето на жените е под просекот во Република Македонија дека нема средства за родова еднаквост. Исто така, се кратат средствата за мали и средни претпријатија.