Работна средба на министерот Попоски со амбасадорите на земјите членки на Европска унија во Брисел
Дводневната работна посета на институциите на Европската Унија во Брисел, министерот Попоски ја започна со работен појадок со Постојаните Претставници - Амбасадори на земјите-членки на Унијата во Брисел, чиј домаќин беше Постојаниот Претставник на Словенија при ЕУ, а учествуваа и високи претставници на Европската комисија и Европската служба за надворешни работи.
Настанот претставуваше извонредна можност за презентирање на аргументите за Македонската кандидатура за почеток на пристапни преговори со Европската унија и размена на мислења за перспективите за нејзино ефектуирање на претстојните состаноци на Советот за општи работи на ЕУ и Европскиот Совет во декември оваа година. Во овој период, во работните групи на Советот на ЕУ, каде членуваат претставници на земјите-членки, се очекува да отпочне процесот на усогласување на заклучоците на Советот по препораките од овогодишните извештаи на Европската комисија за напредокот во процесот на пристапување на земјите-кандидати и потенцијални кандидати.
Македонија е темелно подготвена за почеток на пристапните преговори, а оценката на Комисијата за значителен напредок во клучните реформски области целосно го потврдува тоа. Се согласуваме со констатацијата на Комисијата дека почетокот на преговорите е неопходен, како за натамошното консолидирање на реформскиот процес и зајакнувањето на меѓуетничката кохезија, така и за зачувување на кредибилитетот на Унијата и на нејзината политика на проширување кон Балканот, нагласи Попоски. Очекуваме поддршка од сите земји-членки, раководејќи се од овие аргументи, од заедничкиот Европски интерес, во декември да одлучат согласно четирите досегашни препораки на Комисијата за почеток на пристапните преговори со Македонија.
Македонија очекува дека Грција ќе се согласи со констатацијата на Комисијата дека одлуката на Европскиот совет за почеток на пристапни преговори со Македонија позитивно ќе влијае за изнаоѓање на решение за грчко – македонската разлика околу името на Република Македонија во рамките на разговорите под покровителство на ОН. Како и досега, подготвени сме за интензивирање на разговорите и посакуваме час поскоро да се дојде до решение согласно меѓународното право, демократските принципи и човековите права.
Попоски подвлече дека Македонија ќе продолжи проактивно да работи на унапредување на добрососедските односи и на градење на мостови на соработка со сите свои соседи. Инициравме и ќе продолжиме да иницираме конкретни активности, одржување средби на различни нивоа, реализација на бројни билатерални проекти со соседните ЕУ земји-членки.
На средбата стана збор и за актуелните случувања на Балканот и регионалната соработка, а министерот Попоски информираше за активностите во поврзани со Македонското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Амбасадорите на земјите-членки ја искажаа поддршката за процесот на проширување на Унијата и приемот на земјите-кандидати во членство во ЕУ врз основа на целосно исполнување на поставените критериуми. Беше нагласена важноста на реформите поврзани со владеењето на правото - правосудството, внатрешните работи, јавната администрација, кои согласно новиот пристап во проширувањето, ќе бидат во центарот на вниманието за целото времетраење на пристапните преговори. Исто така беше нагласена важноста на добрососедските односи како една од темелните вредности на Европската интеграција.
Поголемиот дел од Амбасадорите гласно изнесоа дека сега е времето да се отпочнат пристапните преговори со Република Македонија. Препорачаа во периодот до Европскиот Совет во декември, Република Македонија да продолжи со динамиката, одржливоста и испорачувањето кредибилитет во евроинтегративниот процес.