Обраќање на министерот Попоски во Центарот за европска политика
Во рамките на посетата на Брисел, денеска министерот за надворешни работи Никола Попоски имаше обраќање во реномираната тинк-тенк организација Центар за европска политика, на тема: „Европската иднина на Балканот - придвижување напред во случајот со Македонија“.
Говорејќи пред повеќемина претставници на дипломатскиот кор, граѓанскиот сектор, и медиумите, министерот Попоски ја истакна важноста, како за нашата држава, така и за регионот од почеток на пристапните преговори со Македонија.
Остварувањето на европската перспектива е особено важно и за кредибилитетот за Европската унија, при што од нашите земји соседи кои се членки на Унијата очекуваме да имаат клучен придонес во придвижувањето на Македонија во процесот на европската интеграција, истакна министерот Попоски.
Тој ги запозна присутните со остварениот значаен напредок во реформите во неколку клучни области, што резултираше со четврта препорака од Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Македонија. Во тој контекст, изрази очекување дека на состанокот на Европскиот совет во декември ќе биде постигнат консензус за донесување одлука за отпочнување на пристапните преговори.
Министерот Попоски, исто така информираше за македонските иницијативи за унапредување на добрососедските односи и напорите за решавање на отворените прашања и разлики со меѓусебно почитување и доверба, во духот на европските принципи и вредности.