Форум за развивање на македонска стратегија за иновации 2012-2020
Иновациите како фундаментален концепт со кој се развива економијата се од особено значење за секоја модерна економија, па и за македонската, порача министерот за образование и наука Панче Кралев на отворањето на Форумот за иновации – развивање стратегија за иновации 2012-2020, што денеска се одржува во Скопје.
Форумот, кој е во организација на Министерството за економија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), има за цел да придонесе во процесот на креирање на идната Стратегија за иновации на Република Македонија 2012-2020.
- Се надеваме дека стратегијата ќе создаде платформа со која ќе се создаде и кохерентен пристап кон поттикнување и мотивирање на иновациите како основен двигател на секоја економија, вклучувајќи ја и нашата, изјави министерот Кралев на паузата на Форумот.
Тој посочи дека Министерство за образование и наука интензивно работи и бара начин како да ги поттикне иновациите чија основна функција се одвива во научно-истражувачките институити и универзитетите.
- Нашите активности се вклучени во насока универзитети-академска заедница, но и кон приватниот сектор. Верувам дека со стратегијата за иновации тие ќе бидат обединети и оти ќе креираме заедничка цел во поглед на иновациите и развојот на македонската економија во 21. век, рече Кралев.
За препораката на Европската комисија 3 проценти од БДП да се насочат за истражување и развој на иновациите и науката, министерот Кралев рече дека тоа е европскиот просек согласно фискалните можности.
- Ние не сме се уште на тоа ниво, но наша интенција е постепено да создадеме рамка и континуирано од година на година да расте процентот што го одвојуваме за наука и иновации. Веруваме дека во следните години ќе обезбедиме средства во нашите буџети со кои ќе ги поткрепиме заложбите и оти во некој разумен период ќе можеме да бидеме дел од европскиот просек, нагласи Кралев