Четиринаесет нови санитетски возила на службата за Итната медицинска помош ставени во функција
Четиринаесет нови санитетски возила на Службата за Итна медицинска помош (ИМП) при ЈЗУ Здравствен дом-Скопје од вчера се ставени во функција. Санитетските возила се набавени во рамки на проектот за опремување на службите за ИМП реализиран од страна на Владата и Министерството за здравство.
Од Здравствен дом-Скопје соопштија дека граѓаните во градот Скопје и во Републиката ќе можат да добијат поквалитетни здравствени услуги во однос на прехоспиталната ургентна медицина.
Санитетските возила, како што се наведува, се според европските стандарди, ги задоволуваат еколошките критериуми и располагаат со најсовремени системи за стабилност. Возилата се опремени со најсовремена медицинска опрема: респираторно аспираторен систем, дефибрилатор, сет за реанимација, апарат за мерење на гликемија во крвта, сетови за имобилизација на скршеници, повеќенаменски носилки за извлекување и пренесување на повредени и системи за довод на кислород, воздушен душек и друга потребна опрема.
Во тек е и континуирана медицинска едукација за медицинските екипи од Службата за ИМП при Здравствен дом - Скопје.