Проект за обука за внатрешни ревизори во јавниот сектор

Со финансиска помош од по 157 илјади евра од Словенија и САД во рамките на проектот „Обука за внатрешни ревизори во јавниот сектор“  (TAIPS) првпат во Македонија ќе се обучуваат и сертифицираат 80 внатрешни  ревизори во јавниот сектор во Република Македонија.

Проектот го спроведува Министерството за финансии во соработка со Центарот за развој на финансиите со седиште во Љубљана и Овластениот институт за јавни финансии и сметководство CIPFA со седиште во Лондон.

- Со вој проект првпат во Македонија се спроведува меѓународна сертификација на внатрешните ревизори од јавниот сектор. Проектот има вкупен буџет од 363 илјади евра при што со по 157 илјади евра поединечно учествуваат владите на Словенија и на САД, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во обраќањето на Конференцијата по повод почетокот на проектот.

Со тоа, нагласи, ќе се овозможи забрзан развој на професијата внатрешен ревизор и зајакнување на професионалната заедница од оваа бранша. Крајната цел е да се подобри квалитетот на внатрешната ревизија и да се зголеми одговорноста, транспрентноста и ефикасноста на управувањето со државните пари и на институциите од јавниот сектор. 

- Во моментов во субјектите во Република Македонија на централно ниво формирани се 73 единици на внатрешна ревизија екипирани со 131 внатрешен ревизор од кои 43 се раководители. На локално ниво формирани се 63 единици за внатрешна ревизија и екипирани се 55 внатрешни ревизори со 20 раководители. Согласно членот 35 од Законот, раководителот на единицата за внатрешна ревизија покрај останатите услови треба да биде овластен внатрешен ревизор, односно да поминал обука и да положил испит за внатрешен ревизор во јавниот сектор. Оттука произлегува и важноста на овој проект, рече Ставрески.   

Обуката, додаде, претставува продолжување на досегашната соработка која даде одлични резултати  при спроведување на проектите за обука и сертификација на сметководителите на јавниот сектор. Со проектот ќе  се обучуваат и сертифицираат 80 внатрешни  ревизори во јавниот сектор во Република Македонија со што практично за 60 отсто ќе се зголемат капацитетите на внатрешната ревизија во Република Македонија.

Словенечкиот амбасадор во Македонија Бранко Раковец посочи дека преку реализацијата на овој проект Македонија ќе и докаже на меѓународната заедница дека е целосно посветена на членството во Европската унија.

- Обуката е доказ дека Македонија е сериозно посветена на реформата на јавниот сектор. Таа претставува мал, но значаен чекор кон европските интеграции, рече Раковец.

Заменикот американски амбасадор Брајан Агелер нагласи дека САД од 1995 година досега во Македонија инвестирала повеќе од милијарда долари од кои поголем дел преку УСАИД.

- Денеска ја продолжуваме поддршката со проектот (TAIPS) за развивање на меѓународните ревизорски стандарди и најдобрите светски практики, рече Агелер.