Скопје сити мол - нова инвестиција во Македонија, ќе почне со работа наредната година

Седумдесет милиони евра е новата инвестиција што ќе се реализира во Македонија. Скопје Сити мол е нов шопинг центар за кој инвеститорот Балфин МК обезбеди финансиски средства за негова доградба од конзорциум од европски и локални банки.

Средствата ги обезбедува Комерцијална банка, Рајфајзен банка од Албанија и Европската банка за обнова и развој, чии претставници денеска ги потпишаа договорите, а на што присуствуваше и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

ЕБОР обезбеди 18,9 милиони евра, 20 милиони евра Рајфајзен банк од Албанија и осум милиони Комерцијална банка АД Скопје.

Според Балфин МК, со денешното потпишување на договорите се осигурува натамошната работа на трговскиот центар, кој зад себе ја остава првата фаза од изградбата. Лоциран е меѓу булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“.

- Задоволство ни е од обезбедената поддршка од страна на ЕБОР, Рајфајзен банка и Комерцијална банка. Довербата на банките при инвестирањето на значителни финансиски средства потврдува дека идејата и визијата на Балфин МК за инвестирање во Скопје Сити Мол е оправдана и економски издржана. Новото уметничко дело трговски центар од 70 милиони евра ќе стане симбол на просперитет и ново обележје со кое ќе се воспостави патот за идни внатрешни и надворешни инвестиции и промовирање на довербата во економската иднина и просперитет на новата Македонија која доаѓа, рече Питер Варедн, главен извешен директор на Балфин Мк.

Инвестицијата на ЕБОР од 18,9 милиони евра е прва инвестиција во македонскиот сектор на недвижности и малопродажба и според директорот на банката за Западен Балкан Клаудио Виецоли е поддршка на развојот на малопродажната инфраструктура и силен сигнал за банките кои учествуваат.

За Рајфајзен банката од Албанија, ова е, исто така, прв проект кој го поддржува во Македонија и е многу добар сигнал за соработка во банкарскиот сектор. - Учеството во овој меѓународен проект е прво искуство од ваков тип на Рајфајзен банка Албанија и сигурни сме дека ќе биде почеток на успешна и плодна соработка со нашата банка партнер од Македонија, истакна Александер Золнаи, заменик-претседавач на Одборот на директори на Рајфајзен банка Албанија.

Директорот на Комерцијална банка Хари Костов истакна дека е задоволство да се учествува во проектот и со тоа успеале да покажат дека е можна и заедничка соработка и финансирање на еден поголем проект со такви институции како што се ЕБОР и Рајфајзен банка.

Потпишувањето на договорот го поздрави министерот за финансии Зоран Ставрески кој истакна дека оваа инвестиција во Македонија која доби поддршка од конзорциум од меѓународни и домашни банки покажува дека во земјава има добри претприемачи, кои имаат добри идеи и дека има солидна бизнис клима за инвестирање.  

Трговскиот центар, кој според инвеститорот  ќе биде најмодерен и најголем во Македонија, ќе има 90.000 метри квадратни површина, распределени на три нивоа и катна гаража од 1.300 паркинг места, 150 продажни места со различна големина, потоа простор од 4.600 метри квадратни за хипер маркет во кој ќе биде сместен бренд кој досега не е присутен во Македонија. Ќе има простор за рекреација, кино сали, кугларници, ресторани... Официјално треба да почне со работа следната година во октомври, а ќе отвори нови 1000 работни места.