Ѓорѓиев: Новиот закон за патен сообраќај во интерес на превозниците и на патниците

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
    

Почитувани,

Владата на минатата седница го усвои новиот Предлог- закон за договори во патниот сообраќај. Со овој закон комплетно се регулира оваа значајна сфера за превозниците, но и за патниците. Претходниот закон кој ја регулираше оваа сфера, кој до донесувањето на овој закон е се уште актуелен е донесен во поранешна Југославија во 1974 година, тој е застарен, и недоволно ја регулира оваа сфера бидејќи има сериозни пропусти во цели делови од регулацијата. Новиот закон ќе значи подобро остварување на интересите, нови можности и подобра судска заштита на интересите и правата.

Овој закон е изработен во директна соработка со превозно-транспортниот бизнис сектор, тој беше нивно приоритетно барање, и Владата излезе во пресрет и ја прифати оваа нивна иницијатива.

Со законот се остваруваат повеќе цели:
-се пропишуваат и уредуваат односите во патниот сообраќај;
-се дава извесно постапување во одредени ситуации за превозниците и
-се дефинираат и заштитуваат правата на патниците.

    Законот се состои од неколку поглавја во кои се предвидени одредби кои го регулираат договорот за превоз на патници, договорот за багаж при превоз на патници, одговорноста за штета при сообраќајна незгода, товарниот лист и преносливиот товарен лист при превоз на стока, постапките за избор на превозник за превоз на стока на јавен оглас и сл.

    Неколку побитни моменти:

    За превозниците и патниците.
Превозникот е должен да го превезе патникот според објавениот возен ред, со возило што ги исполнува условите утврдени со прописи за возила и посебните техничко-експлотациони услови пропишани за одделните видови на превоз.
    Превозникот е должен на патникот да му обезбеди означено место во одредено возило или превоз со одредено возило, ако тоа е посебно договорено.
Ако во текот на превозот дошло до прекин на превозот од причини за кои патникот не е одговорен, патникот има право да бара превозникот, заедно со багажот, со свое или друго соодветно превозно средство, да го превезе до местото на определување. Доколку превозникот не го превезе патникот до местото за определување во рок од 60 минути, патникот има право да бара превозникот, заедно со багажот, да го врати на појдовното место и да му ја врати сумата платена за соодветниот превоз.
Доколку превозникот не го одржи поаѓањето согласно одобрениот возен ред независно од која причина, автобуската станица може на сметка на превозникот да организира превоз со соодветно возило за да се превезат патниците. Превозникот кој не го одржал поаѓањето за организацијата на превозот од овој став е должен да плати надомест согласно седиштата на возилото со кои е вршен превозот.
Ако за време на превозот кај патник се појават знаци на некоја од заразните болести предвидени со посебни прописи од областа на здравствената заштита, превозникот е должен да постапи според тие прописи и тој патник да го превезе до првото место каде што има можност да  му се даде потребна здравствена помош.


За превозниците.
Договорот за превоз мора да содржи клаузула за рок на исплата на надомест за договорениот превоз, кој не смее да биде подолг од 60 дена од денот на извршување на превозот за договори на одредено време и повеќе патувања.
За едно договорно патување рокот за исплата на надомест за договорениот превоз е веднаш односно не смее да биде подолг од 30 дена од денот на извршување на превозот.
Доколку со договор за превоз не е прецизиран рок за исплата на надомест за договорениот превоз, се смета дека рокот  не  е подолг од 30 дена од денот на извршување на превозот.
Превозникот има право на наплата на казнена камата за задоцнета исплата на надомест за извршен превоз без претходно доставена опомена согласно Законот за облигационите односи. За ништовни се сметаат сите одредби во договорот за превоз кои се спротивни на наведените одредби.

За патниците.
Превозникот одговара за штета настаната поради  смрт,  загрозување на здравјето или повреда на патникот и за штета поради задоцнување или прекин на патувањето, доколку наведените ситуации се случиле без вина на патникот, и тоа до износ во висина на осигурената сума означена на полисата на осигурителната компанија со која што превозникот склучил договор за осигурување на патниците.
За штета настаната поради задоцнување односно прекин на патувањето превозникот одговара до износот на двојна сума за платен превоз на конкретна релација.
Превозникот е должен да го прими на превоз и да го превезе багажот на патникот, и тоа багаж до 25 килограми и тоа една патна торба со димензии 100 cм/60cm или две патни торби со димензии 50cm/30cm се превезуваат без надоместок.
За дополнителен багаж во меѓународен патен сообраќај се наплаќа надоместок од 10% од цената на патниот билет по парче или 5% од цената на повратниот билет по парче.
За дополнителен багаж во меѓуопштинскиот превоз се наплаќа надоместок од 10 денари по парче.
Рачниот багаж се превезува без  надоместок.
Превозникот е должен да му издаде на патникот налепница за приемот на багажот за превоз. За штета настаната од загубување или оштетување на багажот превозникот одговара според одредбите на овој закон.
Се претпоставува дека багажот е загубен ако на патникот не му е предаден во рок од 30 дена од денот кога патникот го завршил патувањето. Износот на оштетата за загубување или оштетување  на багажот  за која одговара превозникот, не може да го премине износот од 9.000,00 денари по една налепница за багаж. Патникот може да бара во налепницата за приемот на багажот да се назначи и поголем износ од износот од 9.000,00 денари. Ако се согласи со барањето на патникот, превозникот е одговорен за штета до износот назначен во налепницата за приемот на багажот. Во случај кога патникот сака да наведе износ поголем од 9.000,00 денари превозникот може да наплати од патникот зголемен надомест за превоз во висина од 5% од назначениот износ на вредноста на багажот.
Кај превозот во кој учествуваат повеќе превозници, за загубување или оштетување на стоката и/или багаж, како и за задоцнување во превозот, солидарно одговараат превозникот и/или организаторот на превоз што го склучил договорот за превоз, превозникот на чиј дел од патот дошло до загубување односно до оштетување и последниот  превозник  (последователен превозник).

За превозниците.
Обврската за исплата на договорената превознина преминува како обврска  на примачот на стоката во случај испраќачот и/или организаторот на превоз на стоката да не ја исплати договорната превознина во соодветен рок, односно доколку 30 и/или 60 дена од извршување на превозот не е платена договорената превознина.
Превозникот не смее да прими на превоз стока ако превозот на таа стока е забранет со закон или со друг пропис. Стоката за која е пропишано дека може да се превезува само под одредени услови, може да се прими на превоз само ако се исполнети  тие услови.

Превозникот е должен да го изврши превозот на стоката преку мaршутата што е договорена, а ако не е договорена, превозникот мора да го изврши превозот преку маршута што е најповолна за превоз на таквата стока. Превозникот е должен да го изврши превозот за време што е вообичаено за превоз на таква стока, земајќи ги во предвид видот и должината на патот, како и  видот на возилото. Рокот на превозот почнува да тече од истекот на времето за утовар односно од истекот на дополнителното време за утовар на стоката, како и завршување на царинска постапка, ако таква е предвидена.

Битно за заштита на интересот на граѓаните, компаниите и државата.
Договор за превоз на  стока  потпишан врз основа на објавен тендер за избор на најповолен превозник е ништовен во случај кога во тендерската документација не се бара доказ за располагање со соодветен капацитет на возила за извршување на превозот предмет на објавениот тендер.
За ништовен се смета потпишан договор за најповолен превозник избран на тендер во случаи кога изборот е направен само врз основа на најниско понудена превозна цена од превозник и/или организатор на превоз кој нема приложено доказ за располагање со оној број на возила со кој ќе може да ја изврши понудената превозна операција.

Организатор на превоз кој во свое име и за сметка на превозници  партнери, учествува на тендер за избор на најповолен превозник, мора како доказ за располагање со соодветен капацитет на возила да приложи „изјава од превозник“.
Организатор на превоз кој нема во сопственост превозни средства во понудата задолжително го наведува бројот на лиценца за вршење на дејност, понудената превозна цена и ги наведува превозниците со назнака на капацитетот на возила, за кои приложува „ изјава од превозник“.
Побарување кое произлегува од договор за превоз, имателот на правото може да го оствари со поднесување рекламација до превозникот во писмена форма, или со поднесување тужба до надлежен  суд – доколку превозникот во рок од 15 дена од денот на доставување на рекламацијата не ја исплати бараната отштета.

За товарниот лист.
Товарен лист се издава за секој превоз на стока во внатрешниот и меѓународниот превоз на стока во патниот сообраќај. Товарниот лист се издава по приемот односно утовар на стоката за превоз. Со издавањето на товарниот лист превозникот потврдува дека е склучен договор за превоз и дека стоката е примена за превоз. Испраќачот и/или организаторот на превоз и превозникот можат спогодбено да одредат испраќачот да издаде товарен лист по наредба или на доносител (во понатамошниот текст:пренослив товарен лист). Ако е издаден пренослив товарен лист, на примерокот што му се предава на испраќачот мора изречно да биде назначено дека станува збор за пренослив товарен лист, а на другите примероци од оригиналот на товарниот лист мора да се назначи дека е издаден пренослив товарен лист. Условите на договорот за превоз и општите услови на превозот го обврзуваат имателот на пренослив товарен лист кој не е испраќач само ако се содржани во преносливиот товарен лист или на нив во товарниот лист изречно се повикува.

Се претпоставува дека рокот на превозот истекол со часот на известувањето дадено на примачот дека стоката пристигнала во местото на истовар и е подготвена за предавање на примачот, или од часот кога превозникот се обидел да му ја предаде стоката на примачот. Превозникот мора да ги преземе сите мерки потребни за заштита  на стоката предадена за превоз. Ако превозникот не побара од испраќачот упатства за мерките потребни за заштита  на стоката се смета дека му било познато кои мерки мораат да се преземаат со цел да се заштити стоката. Ако во товарниот лист не е содржано известување за видот на опасност од стоката предадена на превоз, врз нарачателот на превозот паѓа товарот на докажување дека превозникот знаел или морал да знае за видот на опасноста од стоката.
        
Со овој закон се остваруваат повеќе интереси за граѓаните, компаниите и државата. На овој начин се задоволуваат барањата на превозниците и транспортерите и нивната бизнис заедница затоа што дава предвидливи правила на вршење на дејност и заштита на нивните права и обврски, а ќе донесе развој на оваа сфера.