Донација од Министерството за одбрана за училиштето „Иднина“ и СОС Детското село
Во овие новогодишни празници треба сите да се среќни затоа што таа е возможна ако се споделува со најблиските, со најмладите, со децата кои се најзначајни за секое општество, е пораката што ја упати министерот за одбрана Фатмир Бесими, кој по повод претстојните новогодишни празници денеска им подари новогодишни подароци на децата од училиштето за деца со посебни потреби „Иднина“ и СОС Детското село.
- Среќен сум што денеска поминавме мигови со децата од „Иднина“, кои ни подготвија одлична претстава, а се одржа и работилница на која се обработуваа мотиви за мирот, за Дедо мраз, но и за АРМ, изјави министерот Бесими и им посака на децата среќна иднина.
Дечињата од „Иднина“ на присутните од МО и од АРМ им подарија мали подароци, кои самите ги изработиле за новогодишните празници, а со кои им посакаа најубави желби во Новата година.
Во хуманитарната акција беа вклучени сите вработени на Министерството за одбрана и припадници на Армијата на Република Македонија кои донираа парични средства и облека. Питомците пак од Воената академија, се откажаа од нивните редовни оброци за три дена, за да може она што нив им следува, да го поделат и да им го подарат на децата од училиштето за деца со посебни потреби „Иднина“ и СОС Детското село.
За време на посетата на двете институциии со поддршка на Министерството за одбрана ќе биде организирано и детско цртање на тема „Армијата на Република Македонија и мирот“. Цртежите од работилницата на почетокот на идната година ќе бидат изложени во Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, како и во рамки на единиците на АРМ низ државата.